Советот за безбедност на Обединетите нации во недела вечер по њујоршко време почна вонредна седница за ситуацијата во Газа, каде што за време на двонеделните судири меѓу Израел и Хамас загинаа над 400 луѓе.
Седницата е на иницијатива на Јордан откако над 60 Палестинци и 13 израелски војници загинаа во израелски ракетен напад на предградие на Газа и борби со екстремистите.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, кој се наоѓа во регионот на Блискиот Исток, во обид да помогне за постигнување на договор за прекин на огнот, ја осуди ужасната акција и повика за итен прекин на огнот.
„Израел мора да покаже максимална воздржаност и направи многу повеќе за заштита на цивилите“, изјави Бан, додавајќи дека државата мора да го почитува хуманитарното право.