Вонредна состојба прогласена во Еквадор

Еквадорскиот претседател Гиљермо Ласо прогласи вонредна состојба и полициски час во три покраини, откако изминатиот викенд осум луѓе ги загубија животите во насилните безрдија во оваа јужноамериканска земја.

Вонредната состојба е прогласена во покраините Манаба и Лос Рио, како и во градот Дуран, во близина на вториот најголем град во земјата Гвајаквил, ден откако беше убиен градоначалникот на крајбрежниот град Манта, Аугустин Интреиго.

Потегот на претседателот Ласо, исто така, е одговор и на безредијата во затворот Пенитенсарија дел Литорал во Гвајаквил поттикна од пресметката меѓу припадници на банди во затворот.

И претходно повеќепати Ласо прибегнуваше кон прогласување вонредна состојба, имајќи предвид дека немирите во затворите и брановите насилства се чести појави во Еквадор.

„Не можеме да негираме дека организираниот криминал ја испреплете земјата, политичките организации и општеството, тоа е проблем кој нѐ мачи многу подолго од една деценија“, изјави Ласо по состанокот на неговиот кабинет.

Вонредната состојба ќе биде на сила 60 дена, додека траењето на полицискиот час ќе се менува во текот на наведениот период. Во меѓуврме, полицијата го истражува убиството на градоначалникот на Манта, изјави Ласо.

Најмалку шест затвореници загинале а 11 се повредени по безредијата во неделата, според податоците на затворската управа во Гвајаквил. Покрај тоа, осудениците во затворите во Котопакса, Азуај, Кањар, Ел Оро и Напо држат во заложништво вкупно 96 чувари и го продолжуваат штрајкот со глад започнат на 13-ти јули, без да ги соопштат причините за штрајкот.

Затворскиот систем во Еквадор со децении се соочува со бројни структурни проблеми, а стапката на насилства порасна од 2021 година од кога се убиени околу 400 затвореници во секојндевните пресметки, што предизвика и реакција од Обединетите нации.