22 лица од повеќе објекти се спасени од поплавите предизвикани од надојдената река Топлица во Србија. Спасени се и двајца мажи од покриви на автомобили.
Претставникот на Секторот за вонредни состојби во Прокупље, Владо Племиќ изјави дека бранот поплави на подрачјето на Прокупље полека почнува да стагнира и оти се упатил кон правец на Житораѓа, каде е префрлен дел од силите на Секторот за вонредни состојби.
Поради поплавите прогласена е вонредна состојба во Куршумлија, Лучани и Пожега. Најзагрозена точка во Србија во моментот е Заечар, каде што е прогласена вонредна состојба.
На подрачјето на Куршумлија водата и натаму надоаѓа, во прекин се телефонските врски, Интернетот, мобилната телефонија, јави Танјуг.
Во овој град загрозено е и снабдувањето со вода за пиење, а се очекува цистерни со вода да пристигнат утрово. Оштетени се повеќе станбени и економски објекти во градот и околните села, а земјоделците ќе претрпат најголема штета.
Многу села се отсечени од градот поради поплави и одрони, а патиштата се пресечени и кон три околни бањи. Многу луѓе се евакуирани.