Вонредни инспекциски надзори и увид во вакцинални потврди заради спречување на ширење на голема кашлица

Министерството за здравство ја информира јавноста дека министерот за здравство, Илир Демири, ги прифаќа препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) за спречување на ширењето на голема кашлица (пертусис).

Министерот ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предивидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица.

МЗ апелира до родителите дека најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата, затоа треба да ги вакцинираат своите деца. Вакцинацијата против голема кашлица се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV).

Според Календарот за имунизација, првата доза се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.

Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.

По најновите препораки од вчерашната седница на КЗБ за спречување на ширењето на голема кашлица директорката Рената Младеновска посочи дека надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање родители кои не вакцинирале дете.

КЗБ на вчерашниот состанок, како што рече Младеновска, донесе препорака Државниот санитарен и здравствен инспекторат да се вклучи во активност на вршење вонредни инспекциски надзори што се однесуваат на забрана на примање деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани со вакцина ДТП согласно редовниот календар за имунизација, а со цел да се интензивира офатот на вакцинирање во услови на епидемија на пертусис – голема кашлица, прогласена на територија на Скопје.