Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршиле вонредни надзори во 36 училишни кујни во основни и специјални училишта на територијата на Скопје. Притоа, откриена е една кујна која не била регистрирана во АХВ, за што е изречена прекршочна санкција и наредено итно регистрирање.
„Со контролите утврдивме недостатоци во четири училишта, каде беше забележано неозначена и неселектирана храна, како и оштетени работни површини. За овие случаи се издадени решенија со мерки за нивно отстранување,“ соопштуваат од АХВ.
Во рамки на надзорите, земени се примероци од храна и брисеви за микробиолошка анализа. Резултатите од лабораториските тестирања покажале дека примероците од храната ги задоволуваат микробиолошките критериуми, но од земените брисеви, само во едно училиште биле детектирани незадоволителни резултати.
„Во случајот со незадоволителните резултати од брисевите, издадовме решение со соодветни мерки за надминување на состојбата. Продолжуваме со редовни и вонредни инспекциски контроли во кујните на училиштата и установите каде се згрижуваат ранливи категории граѓани,“ додаваат од АХВ.
Контролите ќе продолжат низ целата држава, со акцент на подобрување на хигиената и стандардите во училиштата и другите објекти кои подготвуваат храна.