Вооружен напад врз иранскиот парламент и мавзолејот на Хомеини, мртви и повеќе ранети (ВИДЕО)

Вооружени лица извеле два напада во иранската престолнина Техеран во средата утрото во кој е убиен најмналку еден припадник на обезбедувањето на Меџлисот (парламентот) и ранети се уште неколку лица во Мавзолејот на ајатолахот Хомеини, основачот на Исламската република Иран, известуваат државните медиуми.

Пратеникот Елиас Хазрати изјави дека имало тројца напаѓачи, вооружени со пиштоли и автоматски пушки, кои упаднале во парламентот.

Агенцијата Tasnim пренесува дека, покрај жртвата во парламентот има уште осум ранети лица. Од нив двајца се припадници на службата за обезбедување на парламентот, а уште еден е посетител.

Новинската агенција ISNA цитира неименуван пратеник кој рекол дека сите влезови на парламентот се блокирани и дека безбедносните сили ги опколиле напаѓачите.

Агенцијата Fars наведува дека еден од напаѓачите е бомбаш самоубиец кој е изолиран од безбедносните сили.

Во одвоен инцидент еден вооружен маж отворил оган во Мавзолејот на ајатолахот Хомеини на југот од Техеран, и притоа ранил пет лица, наведува полуофицијалната новинска агенција Fars.

Државната телевизија, повикувајќи се на неименувани извори, јавува дека напаѓачот во мавзоелјот се разнел со бомба. Агенцијата Isna јавува за повеќе напаѓачи од кои еден е убиен од обезбедувањето.

Покрај тоа, во близина на Мавзолејот на ајатолахот Хомеин, кој ја предводеше Исламската револуција во 1979 година, била пронајдена експлозивна направа којашто е неутрализирана.

Идентитетот и мотивите за нападите, како и дали двата инцидента се поврзани, засега не се познати.