Вооружен грабеж на златарница на „Bulgari“ во центарот на Париз

Вооружен грабеж е изведен во саботата во луксузна златарница на „Bulgari“, на познатиот Плоштад Вендом во центарот на француската престолнина Париз, а штетата се процени на повеќе милиони евра, пренесува AFP од полициски и извори на државното обвинителство.

Според првичните информации, тројца ограбувачи на два мотоцикли се појавиле пред златарницата околу 13,45 часот по локално време, рекол полициски извор. Двајца носеле оружје со долги цевки, додал, наведувајќи дека бил удрен припадник на обезбедувањето.

Штетата сѐ уште се утврдува, а се проценува на „повеќе милиони евра“, рекол за AFP соговорник запознаен со истрагата и потврдил дека злосторниците се во бегство.

На снимките кои биле објавени на социјалните мрежи, а би можеле да се однесуваат на грабежот, се гледаат два големи црни мотоцикли паркирани пред златарницата. Маж во црни, со кацига на главата и вооружен чува стража пред дуќанот. Потоа сите тројца бегаат со мотоциклите, според снимките.

Оваа златарница на „Bulgari“, беше цел на вооружен грабеж и во септември 2021 година и тогаш штетата беше проценета на 10 милиони евра. Тогаш полицијата рани во ногата еден од тројцата ограбувачи и го уапси. Тој беше ставен во притвор, а во јуни 2022 година уапсени беа и обвинети и другите двајца. И тие се во притвор, додека го очекуваат изрекувањето на пресудата.