Вечерва на националната арена „Тоше Проески“ се случил обид за вооружен грабеж во продавницата за бела техника Нептун во 20.30 часот. Според информации од терен, маскирани лица се обиделе да го одземат дневниот промет од продавницата, при што биле испукани неколку куршуми.
Разбојниците на локацијата пристигнале со тротинет.
Откако влегле во продавницата викнале да се вадат парите од касата, а се заканиле и дека доколку некој викне полиција – сите ќе бидат убиени.
Од министерството за внатрешни работи го потврдија случајот.
„Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје вечерва лишија од слобода две лица кои малку пред тоа извршиле разбојништво во продажен објект во градскиот парк. Веднаш по добиената пријава, беа преземени соодветни мерки и активности. Сторителите се лишени од слобода и во содејство со ОЈО ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од полицијата.