Вооруженото крило на Хамас повикува на ескалација на сите фронтови

Портпаролот на вооруженото крило на Хамас – Бригадите Ал-Касам, повика на ескалација на сите фронтови во вторникот во телевизиски говор по повод 200 дена од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Во видеото објавено од катарската сателитска телевизија Al Jazeera, Абу Убаида го пофали нападот на Иран врз Израел на 13 април, велејќи дека директните напади со беспилотни летала и ракети „поставуваат нови правила, повлекуваат важни паралели и ги збунуваат непријателот и оние што стојат зад него“.

Повика и на ескалација на Западниот брег и во Јордан, каде што најмалку половината од населнието има плаестинско потекло како потомци на протераните Палестинци во војните изминатите седум децении, велејќи дека тоа е „еден од најважните арапски фронтови“.

„Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции и да го крене својот глас“, рече тој.

Абу Убаида порача дека Хамас останува на барањата што ги постави на разговорите за прекин на огнот, имено дека бара Израел да ја прекине воената офанзива, да ги повлече своите сили од Појасот Газа, да им дозволи на раселените да се вратат во северниот дел на Појасот Газа, и да на отстрани сеопфатната блокада на енклава.

Во меѓувреме, Израел ги засили нападите низ Појасот Газа во вторникот, пренесува Reuters повикувајќи се на локални жители, додавајќи дека тоа е едно од најлошите гранатирања во последните неколку седмици. Армијата нареди нова евакуација на северот од палестинската енклава, предупредувајќи ги цивилите дека се наоѓаат во „опасна борбена зона“.

Во соопштението за платформата X, портпаролот на израелската армија Авихај Адраи ги повика жителите на четири зони во Беит Лахиа, во северниот дел на Појасот Газа, да се преселат во засолништа во две одредени области.

Новото гранатирање и бомбардирање на северниот дел на Појасот Газа доаѓа речиси четири месеци откако израелската армија објави дека ги повлекува своите војници, тврдејќи дека Хамас повеќе не ги контролира областите.

Израел, исто така, овој месец повлече поголем дел од своите сили од јужниот дел на Појасот Газа. Но, обидите да се постигне прекин на огнот не успеаја, а израелските бомбардирања и упади на територијата од која војниците се повлекоа го отежнуваат враќањето на раселените во своите домови.