Вориорс без Грин во третиот натпревар од соочувањето со Кингс

Актуелните шампиони во НБА, кошаркарите на Голден Стејт Вориорс дојдоа во уште понезавидна позиција откако нивниот стартер крилниот центар Дрејмонд Грин беше суспендиран на еден натпревар поради исклучувањето на крајот од вториот натпревар од плејоф соочувањето против Сакраменто Кингс.

При резултат 93:89 за Кингс, на седум минути пред крајот на натпреварот, еден од најдобрите играчи на домашниот тим Домантас Сабонис падна во мешаницата под кошот на Вориорс, а потоа со рацете ја фати ногата на Грин кој се обиде да истрча во контранапад. Кога ги почувствува рацете на противникот околу глуждот, Грин реагираше непримерно и го нагази Сабонис во гради.

По прегледувањето на снимката, Грин беше исклучен а Сабонис доби техничка грешка. Во продолжението од натпреварот Кралевите победија со 114:106, поведувајќи со 2-0 во серијата од четири победи.

Вориорс така нема да можат да сметаат на Грин во третиот натпревар, кој ќе се игра ноќта меѓу четврток кон петок во Сан Франциско, а во кој победата практично им е императив, бидејќи ниту еден тим во историјата на НБА некогаш не надополнил негатива од 0-3 во победи.