Востание, единствен начин да се ослободиш од окупација

страшо ангеловски

За поимот ОКУПАЦИЈА

Поимот окупација доаѓа од латинскиот збор occupatio, што значи завземање, освојување. Окупацијата најчесто се остварува со воени средства и тогаш се нарекува воена окупација. Но, дури и таа и таква, окупацијата има правила и е регулирана со Хашката конвенција од 1907 и Женевската конвенција од 1949 година.

Притоа:

– Суверенитетот на окупираната држава не преминува на окупаторот, туку е само суспендиран. (Македонскиот народ како суверен постои и не може да биде избришан, ниту неговиот суверенитет да премине во рацете на окупаторската северномакедонска Влада, чиј министер забранува користење на зборовите Македонија и македонски).

– Окупаторот е должен да ги преземе сите мерки за да обезбеди јавен поредок. (Во државава сите криминалци се на слобода бидејќи одработуваат за одржување на СДСМ на власт, а речиси да не постои криминалец кој нема фотографија како се гушка со Зоран Заев).

– Окупаторот не може од жителите на окупираната територија да бара заклетва на верност (СДСМ како партија која со измама го окупира Собранието и ја узурпира власта, преку „ажурирање“ на членството го бара токму тоа – заклетва на верност).

– Забранети се колективни мерки за кривични дејствија вперени против интересите на окупаторот. Оттука, нема право да ги казнува граѓаните (во вид на репресија) кои не се непосредно виновни за извршени дела што, внимавајте, окупаторот ги прогласил за кривични (судските предмети преку прогласување на случувањата од 27 април за терористички чин и репресиите врз граѓаните – уставобранители, заедно со казните од 200 години затвор целосно се во спротивност со тоа).

Ги дадов овие неколку примери од меѓународното право за да видиме дека дури и да беше ова воена окупација од страна на некаква туѓа северномакедонска армија врз Република Македонија, ќе мораше да се придржува до правилата и регулативите кои во случајов, како окупатор, ги погазува.

Од друга страна, во политичката историја имаме примери кога до окупација доаѓало и без војна, со заземање на територијата на туѓа држава врз основа на договор, за да се обезбеди извршување на преземените обврски со тој договор. Тоа се вика гарантна окупација. Вакви договори веќе одамна не се потпишуваат бидејќи гарантната окупација важи за спротивна на современите меѓународно-правни сфаќања.

За жал, со инсталирањето на квислиншката Влада на Заев и со потпишувањето на договорот од Преспа, Република Македонија, де факто, се најде под гарантна окупација на Атина, која, преку оваа и ваква Влада, го обезбедува извршувањето на преземените обврски со тој договор. Па така, Атина, преку гарантната окупација на Република Македонија, преку интензивно извршување на преземените обврски со договорот од Преспа, спротивно на сите меѓународно-правни норми, врши целосно бришење на македонскиот народ, македонската држава, македонското постоење…

За поимите ВОСТАНИЕ и БУНТ

Низ историјата, ниту еден народ не се ослободил од окупација, каква и да била, без одредена форма на отпор. Востанието е една од нив. Востанието, според политичките енциклопедии, е форма на социјална или (и) национална политичка борба, чии обележја се масовноста и посебно изразеното отворено негирање на одредена состојба која станала неподнослива за востаниците – со цел да се промени или укине.

Востанието претставува една од многу старите општествени појави, уште од Спартаковото востание од 74-71 п. н. е. Германската селанска војна од почетокот на 16 век, востанието на Јан Хус во Чешка и да не зборуваме за редицата востанија на македонскиот народ против сите досегашни окупации.

Значи, востанието претставува начин на борба против неподносливоста на окупацијата и окупаторските методи на владеење и речиси и не постои народ кој не посегнал по него заради принципите на слободата и демократијата, како вредности кон кои стреми секое нормално човеково битие.

Многумина го поистоветуваат терминот „востание“ со терминот „бунт“, но овој вториот е по правило пократкотраен, парцијален, помалку зрел политички и често без јасна перспектива освен како чин на негодување. Правото на бунт имало значајно место во политичката теорија кај сите кои се кревале против апсолутната власт поттикнати од тезата дека секоја власт потекнува од народот (теориите за суверенитетот на народот и општествениот договор) и дека пречекорувањето на власта во вршењето на доверените функции им дава за право на оние со кои се владее, да ја урнат.

За нас, МАКЕДОНЦИТЕ

Веќе со години живееме под гарантна окупација од страна на Атина, при што насилно, незаконски и противуставно инсталирана квислиншка Влада, со сите сили, а спротивно на интересите на сопствениот народ, се труди да го обезбеди извршувањето на преземените нецивилизациски и нехумани обврски со договорот од Преспа. Притоа ги брише името на државата, името на народот, симболите на тој народ и во духот на најцрните методи на фашизмот, или средновековната инквизиција, сака да го избрише неговото милениумско постоење.

Во тој период на гарантна окупација, се одржаа редица „бунтови“ од различни групи, здруженија и организатори, како одраз на негодување, на несогласување со постапките на апсолутната власт, а во име на суверенитетот на народот против кој оваа власт здушно работи. И сите тие, за жал, со сите атрибути од политичката теорија – краткотрајни, парцијални, помалку зрели политички и често без јасна перспектива.

Теоријата вели дека тие бунтови мора да прераснат во организирана форма на востание доколку еден народ сака успешно да се справи со окупаторот и неговите слуги и да ја извојува слободата.

Со еден збор, патот е познат, патот го врвеле многу народи пред нас, го врвеле и нашите предци. Останува на нас, на денешнава генерација Македонци, да го изоди уште еднаш. Со цврсти чекори, кон позната цел – ослободување од наметнатата окупација.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес