Воткинс со гол во 90-та минут ја доведе Англија во финалето на ЕУРО

Англија и Шпанија ќе играат во неделното финале на Европското првенство во Берлин, откако во средата вечерта во полуфиналниот дуел во Дортмунд, Англичаните ги победија Холанѓаните со 2:1 (1:1).

Холандија поведе во седмата минута кога Чави Симонс постигна многу убав гол. Англија израмни во 18. минута откако Хари Кејн погоди од белата точка. Сѐ до 90. минута беше 1:1, кога англиски херој стана Оли Воткинс, кој погоди за конечното славје и 2:1. Така Англија стигна до финалето на ист начин како и Шпанија претходниот ден. Со пресврт од 0:1 на 2:1. Англија вторпат по ред ќе игра финале на Европското првенство. Во последниот беше поразен од Италија по изведувањето на пеналите.

Холандија и Англија одиграа исклучително возбудливо и квалитетно прво полувреме. Се играше енергично и смислено, натпреварот изобилуваше со ритам, добри акции и шанси, а веројатно моментот од седмата минута имаше големо влијание на текот. Тогаш Холандија поведе со одличниот гол на Чави Симонс, кој прво му ја украде топката на Рајс на 35 метри од англискиот гол и со него се спушти во противничкиот шеснаесетник и жестоко стрелаше погаѓајќи го самиот спротивен горен агол.

Голот речиси во истиот момент ги разбуди Англичаните, кои доминираа до крајот на првото полувреме. Англија тогаш ја одигра убедливо најдобрата половина од првенството, предводена од Фоден и Белингем, кои конечно заедно беа во вистинскиот ритам. Оттаму, Англија успеа многу брзо да израмни, само десет минути по голот на Симонс. Германскиот судија Цвејер, откако ја прегледа снимката, одлучи дека дуелот меѓу Дамфрис и Кејн е пенал, а иако холандскиот голман Вербруген ја погоди страната, Кејн реализираше за израмнување на 1:1.

Само пет минути подоцна, буквално милиметри ги делеа Англичаните од водство. Фоден ја протна топката низ бројни нозе во противничкиот шеснаесетник, но Дамфрис ја сопре буквално на гол-линијата. Тоа беше период од натпреварот во кој англиските фудбалери напаѓаа речиси исклучиво, но првата следна вистинска шанса беше на спротивната страна. Во 30. минута, по еден корнер, Дамфрис добро ја зафати топката со глава при скок наназад, но пречката ја спаси Англија.

Само две минути подоцна, се затресе и рамката од голот на спротивната страна. Повторно Фоден беше во центарот на вниманието и од својата позиција од која толку често погодуваше во дресот на Манчестер Сити, од 18 метри упати шут кон спротивната статива. Во финишот на првиот дел ритамот малку забави, но Англичаните сепак оставија подобар впечаток на теренот.

На почетокот од вториот дел ритамот на игра дополнително опадна. Во воведниот дел од продолжението Англија, сепак, имаше предност во поседот на топката, но малку по малку Холандија стануваше сѐ подоминантна и голем дел од вториот дел мина во холандски напади и можности за избраниците на Роналд Куман.

Првата голема шанса се случи во 65. минута. По центаршутот на Веерман, прв до топката стаса Ван Дијк кој шутираше од пет-шест метри, но директно кон англискиот голман Пикфорд, кој ја скршна топката во корнер. Дамфрис повторно беше највисок во скокот, но овојпат шутираше високо над пречката.

Во 77. минута шанса имаше холандскиот стрелец Симонс до кого топката се одби на десетина метри од голот. Симонс шутираш „од прва“ со волеј, но не ја зафати добро топката, која лесно ја скроти Пикфорд. Две минути подоцна се затресе холандската мрежа, но веднаш по голот на Сака реагираше помошниот судија кој го забележа додавачот Вокер во недозволена позиција. Во 88. минута Палмер се обиде за Англија, но неговиот удар беше прилично непрецизен.

И кога се очекуваше крајот на основните 90 минути и одење во продолженија, блесна Воткинс. Со Де Ври на грб, Воткинс ја прими топката во холандскиот шеснаесетник, се сврте и од многу тешка ситуација, целосно откосо, одлично шутираше и погоди за 2:1 и големо англиско славје на стадионот Вестфален. До крајот остана премалку и Холанѓаните немаа време да се заканат на англиската одбрана и на Пикфорд.