Новиот македонски воз кој идниот месец ќе биде испорачан во Македонија се најде на насловната страна на “China Daily“ објави „Курир“.
Првиот од шесте нови патнички возови што за Македонски железници ги произведува кинеската компанија ЦРРЦ, беше промовиран на седми месецов во Кина.
Возот е со три вагони со капацитет од 200 патници и можност за брзина до 160 километри на час. Македонија набавува уште една електромоторна и четири дизел гарнитури, кои како што истакна на промоцијата министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, треба да пристигнат до јануари следната година.
Новите возови ќе сообраќаат на линиите Гевгелија – Скопје и Скопје – Битола, а ќе се воведат и нови деловни возови на релациите Тетово – Скопје, Куманово – Скопје и Велес – Скопје.
Директорот на МЖ Транспорт Никола Костов посочи дека возовите се со извонредни технички карактеристики и услови и ќе овозможат патниците да уживаат во патувањата.
Новите патнички возови ќе имаат вкупен капацитет од 1.200 патници, што ќе покрива 60 проценти од линиите што ги одржува МЖ – Транспорт. Треба да бидат климатизирани, опремени со вакуум тоалети, да ги задоволуваат најстрогите мерки за енергетска ефикасност, да ги исполнуваат безбедносните стандарди, како и услови за превоз на лица со ограничено движење.