Возачот на автомобил во Минхен е Авганистанец, наводно ширел исламистички содржини

Возачот на автомобилот што влета во луѓето собрани на протестот во Минхен во четвртокот наутро, при што беа повредени најмалку 30 лица, од кои неколкумина тешко, е 24-годишен Авганистанец кој од претходно ѝ бил познат на полицијата, а властите веруваат дека станува збор за напад со умисла.

„Веројатно станува збор за напад… Ние неколку седмици по нападот во Ашафенбург мораме да се соочиме со нов напад“, изјави баварскиот премиер Маркус Зедер за новинарите на местото на настанот во центарот на Минхен, алудирајќи на нападот со нож пред неколку седмици во кој Авганистанец уби две лица, од кои едното дете, а рани уште едно дете и маж.

Зедер, кој доаѓа од баварската Христијанско-социјална унија (CSU) го повтори своето барање за „политичка акција“.

„Нешто мора да се промени во Германија, и тоа брзо. Не можеме да живееме од напад во напад“, рече претседателот на CSU која е сестринска партија со Христијанско-демократската унија (CDU) која е фаворите на скорешните предвремени парламентарни избори.

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман изјави дека возачот на автомобилот што влета во протестот на синдикатот е 24-годишен авганистански барател на азил, кој пристигнал во Германија во екот на мигрантската криза во 2016 година, веројатно преку ткн Балканските рути, пристигнати во Германија.

Тој веќе бил во конфликт со полицијата за кражби и поседување нелегални дроги, а веќе требало да биде протеран од Германија. Порталот Spiegel Online наведува дека осомничениот ширел исламистичка содржина на социјалните мрежи пред нападот.

Херман рече дека неговото протерување „не било возможно“, но не наведе детали.

Депортациите во Авганистан генерално не се вршат поради недостиг од оработка од властите во Кабул.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во својата првична реакција за инцидентот во Минхен рече дека осомничениот сторител „мора да ја напушти земјата по секоја цена“.

Властите не веруваат дека овој напад е поврзан со Минхенската безбедносна конференција, која почнува во петок и ги собира светските лидери.

Настанот во Минхен најверојатно дополнително ќе ја интензивира дебатата за ограничување на миграцијата, во која доминира изборната кампања за предвремените парламентарни избори во Германија, кои се одржуваат на 23 февруари.