Воздухопловната база на НАТО во Германија сѐ уште во состојба на висока готовност

Воздухопловната база на НАТО во германскиот град Гејленкирхен во петокот остана во состојба на готовност, изјави портпаролот, откако нивото на безбедност беше подигнато во текот на ноќта „врз основа на разузнавачки информации што укажуваат на потенцијална закана“.

„Сè уште сме во Чарли“, изјави портпаролот на базата за Reuters, мислејќи на втората највисока од четирите состојби на подготвеност.

Нивото на безбедност Чарли е дефинирано како „се случил инцидент или се добиени разузнавачки информации што укажуваат дека е многу веројатна некаква форма на терористичка акција против организации или персонал на НАТО“.

Портпаролот рече дека базата, во која е распоредена флотилата на НАТО на надзорно-раузнавачки авиони AWACS, работи со минимален персонал како мерка на претпазливост додека операциите продолжуваат според планираното.

Дoдаде дека тоа не е поврзано со минатонеделниот инцидент, кога нивото на безбедност во базата накратко беше подигнато додека воената база во блискиот Келн истражуваше сомнителна саботажа на водоснабдувањето. Германската војска подоцна објави дека резултатите од тестовите покажале дека водата од чешма не е загадена.

НАТО во минатото предупредуваше за кампања на непријателски активности организирани од Русија, вклучувајќи саботажа и сајбер напади,п поради континуираните руски обвинувања дека НАТО ја загрозува нејзината безбедност.

Во јуни, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека западната воена алијанса гледа модел кој се развива и дека неодамнешните напади се резултат на тоа што руските разузнавачки служби стануваат поактивни.

Неколку инциденти на територијата на НАТО членките беа третирани како сомнителни од страна на аналитичарите во последниве години, меѓу кои и прекинот на виталниот подморски кабел што го поврзува Свалбард со норвешкото копно во 2022 година. `