Најголемиот извор на загадување на воздухот потекнува од огревното дрво, покажаа резултатите од истражувањето на изворите во пет општини – Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.
Сепак, значителни разлики постојат помеѓу општините и тие треба да бидат земени предвид при креирањето мерки и политики за унапредување на квалитетот на воздухот, укажуваат заклучоците од студијата изработена од лабораторијата Амбикон при Универзитетот Гоце Делчев од Штип.
На настанот, кој симболично се одржа еден ден пред почеток на грејната сезона, се презентираа резултатите од истражувањето, како и можните решенија за справување со загадувањето на воздухот.
Настанот го отвори првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити кој изјави дека „Овој проект служи како пример за тоа како можеме да преминеме од идентификување на изворите на загадување до преземање конкретни чекори за нивно решавање. Се надоврзуваме на успехот на претходниот проект поддржан од УНДП во скопската населба Лисиче, каде ефективно беа финансирани и спроведени конкретни мерки за намалување на аеро-загадувањето. Уверен сум дека овој нов проект ќе го спроведеме со исто ниво на посветеност, обезбедувајќи конкретни акции кои ќе им помогнат на жителите од овие општини да дишат почист воздух.“
Според Постојаниот претставник на програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, Армен Григорјан, загадувањето на воздухот е значаен предизвик за земјата. Затоа УНДП со финансиска поддршка на Шведска интензивно работи на изнаоѓање соодветни решенија.
„Во соработка со бројни институции и организации, ги споивме науката, знаењето, институционалната поддршка, визијата и оптимизмот. Во 2020 година за прв пат во Северна Македонија спроведовме сеопфатен циклус на истражувања. Користејќи модерна опрема финансирана од Шведска специјално за оваа намена, собраните материјали беа анализирани и беше изработена првата студија за распределба на извори во земјата од ваков вид. Оваа година, истражувањето беше спроведено во пет општини и резултатите ќе ги водат нашите идни напори за подобрување на квалитетот на воздухот“, изјави Григорјан.
Лабораторијата Амбикон при Универзитетот Гоце Делчев од Штип, под водство на проф. Дејан Мираковски, ја изготви студии за утврдување на уделите на изворите на загадување на воздухот во урбаните средини на општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.
„Во резултатите добиени врз основа на едногодишен мониторинг и анализа на повеќе од 1000 примероци во сите пет општини, со својот интензитет како најголем извор се издвојува согорувањето на биомаса (дрва) за греење, следено од сообраќајот и минералната прашина, кои имаат значително поголем удел во текот на летните месеци. Во повеќето општини, палењето на стрништата и други отпадни материјали на отворено или во импровизирани котли, имаат исто така значително учество во вкупното загадување. Сепак, согорувањето на дрва, но и отпадни материи во релативно неефикасните и стари печки/котли во текот на зимските месеци, е веројатно главниот извор кој може да се поврзе со појавата на епизодите на екстремно загадување“, изјави проф. Мираковски, кој ја презентираше состојбата за секоја општина одделно.
Дел од првата панел дискусија беа министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска, амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џеин и постојаниот преставни на УНДП Армен Григоријан, кои дискутираа за поддршката која се обезбедува за борба со загадениот воздух на локално ниво.
Амбасадорката на Шведска, НЕ г-а Ами Ларсон Џеин ги опиша висококвалитетните, научно засновани податоци како „’рбетен столб врз кој почива ефективното креирање на политики“, особено во контекстот на еден комплексен проблем како загадувањето на воздухот. Поздравувајќи ја одличната студија предводена од страна на професорот Мираковски, таа потенцираше дека ова претставува само првото скалило кон надминувањето на овој итен предизвик. Таа ја искористи приликата да ги поздрави и заложбите на петте пилот општини кон кофинансирање на следниот чекор – спроведување на мерки за борба против загадувањето на воздухот, и ја истакна континуираната поддршка на Шведска во борбата на Република Северна Македонија со еколошките предизвици.
На втората панел дискусија градоначалниците на Куманово – Максим Димитриевски, Струмица – Костадин Костадинов, Кавадарци – Митко Јанчев, Гостивар – Валбон Лимани и претедателката на Советот на општина Струмица – Абреша Влаши говореа за конретните напори кои ги прават за унапредување на квалитетот на воздухот, но и за идните планови на општините во таа насока.
Во рамки на проектот на УНДП за справување со загадувањето на воздухот ќе бидат спроведени и конкретни инфраструктурни и технички мерки, кои ќе се дефинираат преку форуми на заедниците, со активно вклучување на граѓаните во носењето одлуки. Овие мерки ќе бидат кофинансирани од самите општини.
Настанот се организира во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање, како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга. Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП, којашто е финансирана од Шведска, а го вклучува и проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти.“