Возило излетало синоќа пред мостот на Вардар кај Пепелиште, информираа денеска од Центарот за управување со кризи.
„Синоќа во 21:17 часот на Единствениот европски број за итни повици 112, во ЦУК е добиен автоматски повик од „ајфон 14“ од телефонски број од Србија, кој содржел известување на англиски јазик, дека корисникот на телефонот доживеал сообраќајна несреќа, не е контактибилен вклучително и аудио координати на местото на кое се случила несреќата“, соопштија од ЦУК.
Операторот на 112 во ЦУК итно го известил дежурниот центар во МВР, давајќи ги координатите на несреќата по што била испратена полициска екипа која го пронашла возилото кое излетало надвор од регионалниот пат Неготино – Штип пред селото Пепелиште, непосредно пред мостот на Вардар.
Возачот и патниците во возилото не биле повредени.