По настапот на ТВ Алфа на 09.11.2023 година, на емисијата „Заспи ако можеш“, во која ја водат еминентните новинари Горан Момировски и Драган Милосавлевиќ, а јас како гостин, односно по емисијата, наредниот ден 10.11.2023 година, вознемирувачки ми се јавува Нано Ружин, а во врска во делот на емисијата кој се разговараше за активностите, како што наведуваат Нано Ружин и Никола Поповски, на Европскиот центар за мир и развој (ЕЦПД) невалидни дипломи…
Овој првиов, Нано Ружин ми се јавува телефонски, вознемирено ми говори дека во емисијата „Заспиј ако можеш“ сум искажал „неточни“ податоци. Можна е кривична. Родителите на докторанитите сакаат да ве тужат. Освен тоа се работи за студенти кои докторирале 2014/2015 година, кога ти си работел во МОН. Во продолжение Нано Ружин ми пишува (СМС): „Незнам зошто си се вмешал во оваа работа. Кој интерес имаш за да си го компликуваш животот“. На ова му одговорив (СМС): „…Да јас работев во ДПИ, ама не во Секторот за нострификации. За мојот живот не се секирај…“. За ова јавување и понатамошно вознемирување и за „да не си го компликувам животот“, на 15.11.2023 година, случајот го пријавив во полициска станица Кисела Вода, со цел да биде „опоменат да не ме вознемирува и да не ми се заканува“.
На Нано Ружин му поставувам прашање, да ми одговори: Во кое својство се јавува и која е неговата улога? И што сака да каже со исказот да не си го компликуваш животот?
А, за овој вториот Никола Поповски, кој се преставува како декан на Регионалниот институт за развојни студии – Скопје, при Универзитетот за мир основан на ООН, тој доставува барање до телевизијата за Демант, а во врска со емисијата: „Заспиј ако можеш“ емитувана на ден 09.11.2023 година. Тој (во писмениот допис) меѓу другото истакнува: „…Од страна на гостинот беа изнесени целосни невистини што веројатно беа тенденциозни и смислени, а истиот ги наведе новинарите да донесуваат со поставени погрешни и невистинити заклучоци и да изговорат лаги за тоа… и целосно се извртуваат фактите за да се искажат многу лаги и невистини…“. Па, понатака во неговиот демант Никола Поповски, меѓу другото истакнува: „Во рамките ЕЦПД-Универзитет за мир на ОН во Република Македонија е формиран Регионален институт за развојни студии… каде што се организираат специјалистички, постдипломски и докторски студии и се издаваат меѓународни признати дипломи. Во него се опфатени и странски студенти од Македонија, БиХ, Албанија, Турција, Косово, Србија и други земји, а предаваат професори од целиот свет вклучувајќи и наши професори. До сега немаме случај со непризнаени дипломи…“.
E, Поповски, за ова малце морген!
Поповски, кога го цитираш членот 200 став 2 од Законот за високо образование (Сл.весник на РМ бр.82 од 8 мај 2018 година), редно е да го цитираш целосно и став 1 од истиот член, цитирам: „На лицата кои до 31 декември 1996 година се здобиле со диплома или други исправи на високо образование, постдипломски студии и докторат на науки стекнати на подрачјето на СФРЈ, им се признава висока стручна подготовка, стручен назив специјалист, академски стпен магистер, односно научен степен доктор на науки и за истото не се спроведува постапка за признавање, став 2 од истиот член стои: „На лицата кои се здобиле со диплома или друга исправа за завршени прв, втор или трет циклус на студии на универзитети формирани од меѓународни организации во кои Република Македонија е полноправен член им се признава висока стручна подготовка, стручен назив специјалист, академски степен магистер, односно научен степен доктор на науки и за истото не се спроведува постапка за признавање“.
Поповски, да ти одговорам: Не е спорен Законот и членот 200 и ставовите 1 и 2, секоја добиена диплома, додипломска, специјалистичка, магистерска, докторска од било која меѓународна организација, треба да се евидентира во Сектор за нострификација во Министерството за образование и наука (МОН). Воедно треба да знаете за секој завршен студент треба да се има евиденција на запишани студенти (матична книга на запишани и во која држава) и завршени студенти (Главна книга на завршени и во која држава) и тоа се потврдува од Меѓународниот универзитет, во конкретниот случај ЕСПД. Тоа го потврдуваат регионалните декани. И Ве прашувам: Дали имате такви евиденции? Ако немате правите образовен криминал! Е, сега тоа е работа на МВР-Одел за организиран криминал и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои треба да го истражат!
Вие Поповски, како се однесувате кон националните закони? Виртуелниот свет е присутен насекаде! Дали сте го прочитале член 114 став (3) од Законот за високото образование од 2018 година, кој предвидува: Вршењето на должноста декан и продекан, е неспојливо со вршење на друга јавна функција или функција во политичка партија. За првиот дел од овој став, еве јавно Ве прашувам од кога сте дел – член на Советот на Народна банка??? (https://www.nbrm.mk/bioghrafiidd832519-ns_article-nikola-popovski.nspx) и на други органи надвор и во земјата? Вие се претставувате во Вашата реакција за ДЕКАН, а дали знаете како ќе помине ДЕКАН кога ќе биде пријавен за ваква состојба? Или и тоа не важи за тебе, оти сте на глобално ниво? Навистина сте светски човек!
Поповски, има многу прашалници, очекувам одговор!
Прво, барам да ми одговориш: Каде ви се наоѓа седиштето на Регионалниот институт за развојни студии, каде си декан. Ако е на ул.„Наум Наумовски Борче“ 50/2-16, 1000 Скопје, на мејл [email protected] и телефон 02 6090 290 и 071 908 630? На оваа адреса и телефон никој не се јавува? Додека на мобилниот 071 908 630 се јавува женски глас, кој кажува дека повеќе од пет години не работи на регионалниот институт и незнае ништо за институтот?
Зошто имате седиште во нашата држава? Кој плаќа кирија? Дали има елементи на перење пари? Кој ги контролира финансиите на овој центар во нашата држава? Зошто имате седиште овде ако се работи за институција од странство? Независно дали се работи за центар од странство или за организација, кога тие спроведуваат високообразовна дејност во нашата држава имаат статус на високообразовна установа. Не се работи за Coffee to go! Kaде е член 25 од Законот за високото образование? Или ќе кажете ние сме нешто наднационално, над секој закон итн. Сепак, за нострификација на странска диплома од странство може да се работи само за студент кој студирал во странство според акредитирана студиска програма. И да се работи за организација која изведува академска дејност, таа мора да биде внесена во Регистарот на МОН заради тоа што во една демократска држава се води сметка!
Второ, читам по портали дека: „На 7 јули 2021 година во просториите на МАНУ, Камбовски го инагурира Венко Филипче, додека е тој министер, во вонреден професор на Универзитетот на ОН-Европски центар за мир и развој?
За да една недела подоцна, на 14 јули 2021 година, Филипче и Никола Поповски потпишуваат договор за соработка?
Трето, Најавувате дека од учебната 2018-2019 година, ќе има студиски програми и во Скопје, а на прашање на заинтересирани, како мене, се тврди дека немаат ништо тука, нема предавања. Па каде се држат предавањата, прашуваат заинтересираните и јас исто? И повторно е на сила член 25 од Законот за високото образование?
Четврто, дали сте запознати за лажните дипломи на Универзитетот во Крагуевац-Република Србија, кои ги пренесоа српските новини и портали дека се издавани дипломи докторанди од Косово и Метохија и од Република Македонија вклучувајќи го и Европскиот центар за мир и развој (ЕСПД) за кои постои сомнеж дека стекнале дипломи на Универзитетот во Крагуевац- Р.Србија, без уписи на претходни студиски програми без дозвола за работа за нивно издавање?
Поопширно за ова види:
Меѓународен балканско-македонски образовен криминал со невалидни дипломи
Балкански лонец на образовни криминали со невалидни дипломи
За овие образовни криминални дипломи, од моја страна е поднесено барање (писмено) до Одделението за нострификации при МОН под бр.03-3831/1 од 29.03.2023 година, дали се нострифицирани тие дипломи кои завршиле на ЕЦПД, односно студенти кои „завршиле на Европскиот центар за мир и развој на Универзитетот за мир основан од ООН“, кои студентски програми не се акредитирани на 16 лица од Македонија, стекнати дипломи во странство?
По добиениот одговор од страна на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, дека 16-те лица од Македонија, стекнати во странство се нострифицирани. За истите лица доставени се известувања за понатамошна постапка до МВР-Одел за организиран криминал и до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Очекувам целокупната постапка и истражување да ја завршат соодветните надлежни институции и да се добие целосна разврска. И да се испита функционирањето на регионален институт за развојни студии во Скопје, каде што е декан Никола Поповски и која е улогата на Нано Ружин и неговата загриженост и вознемиреност… „каде што се организираат специјалистички постдипломски и докторски студии и се издаваат меѓународни признати дипломи?“.
За сето ова, ќе бидат запознати и други меѓународни организации и соодветни амбасади во Македонија.
Ова е прво полувреме. Второто полувреме наскоро ќе започне.
На потег се институциите! Во борба против образовниот криминал!
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес