Припадниците на терористичката организација Ал Каеда вчера во Јемен погубиле двајца Саудијци под обвинение дека се шпиони за американската влада, објави „Ројтерс“, а пренесува српски „Блиц“.
Инцидентот се случил само еден ден откако во напад на американско беспилотно летало беше убиен лидерот на Ал Каеда на Арабискиот полуостров Насер Ал Вахиши.
Терористите прво ги погубиле Саудијците, а потоа ги обесиле да висат на мостот во јеменскиот град Мукали.
Според Ројтерс, над нив бил поставен напис: „Куќата на Саудијците ги насочува американските авиони да ги бомбардираат светите воини“.
Саед Обаед Јахми, експерт за антитероризам, специјализиран за јеменскиот огранок на Ал Каеда, изјавил за „ЛА Тајмс“ дека овие убиства се случиле за „Ал Каеда да го сочува престижот, бидејќи нивниот лидер бил убиен еден ден претходно“.