
Четворица полицајци од Чикаго стрелале речиси 100 пати во осомничениот за помалку од една минута, откако мажот отворил оган врз нив за време на сообраќаен прекин минатиот месец, според извештајот објавен во вторникот од градската Канцеларија за цивилен надзор.
Иако првичниот извештај на Цивилната канцеларија за полициска одговорност (COPA) не донесе заклучоци за однесувањето на полицајците, инцидентот најверојатно ќе предизвика нова дебата за полициската употреба на сила и расните односи во САД.
Инцидентот се случил на 21-ви март кога полицијата го запрела 26-годишниот афроамериканец Декстер Рид поради сомневање дека не го врзал сигурносниот појас. Рид не ги послушал наредбите на полицајците да ја отвори вратата од автомобилот и да не го подигнува прозорецот, а потоа пукал во нив, ранувајќи еден од полицајците во зглобот.
Четворица полицајци возвратиле, а според извештајот пукале 96 пати во период од 41 секунда. Рид бил прогласен за мртов во болница. Комитетот, кој го прегледува секое полициско пукање во Чикаго, ги објави снимките од камерата на телото заедно со својот извештај.
„Прегледот на видео снимката и првичните извештаи се чини дека потврдуваат дека Рид прв пукал, погодувајќи полицаец, а четворицата полицајци возвратиле на огнот. Достапните прелиминарни докази, исто така, укажуваат дека полицајците возвратиле околу 96 пати во период од 41 секунда, вклучително и откао Рид излегол од возилото и паднал на земја“, се вели во извештајот.
Градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, изрази жалење за загубата на уште еден живот на афроамериканец за време на средбата со полицијата, но се воздржа да го осуди пукањето, велејќи дека објавувањето на видеото е обид да се обезбеди транспарентност во истрагата.
„Како градоначалник и како татко кој воспитува емејство, вклучително и две црни момчиња на западната страна на Чикаго, лично сум скршен кога гледам дека уште еден млад црнец го губи животот за време на интеракција со полицијата“, рече Џонсон.