ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Бруталната вистина зад крзното од ангора

Видео снимката направена од организацијата за заштита на животните ПЕТА ја открива суровата вистина за индустријата за крзно во Кина.

Додека некој плаќа илјадници долари за парче снежно бело крзно, илјадници зајачиња секојдневно  преживуваат хорор.

Дали откако дамите од светската елита  ќе видат како крзното насилно се кубе од кревкото тело на малите животинчиња кои плачат од болка и крварат ќе бидат среќни од неговата топлина?

Според британски Гардијан , најголемите и најбруталните фарми каде се одгледуваат зајаци заради нивното нежно и бело крзно се наоѓаат во Кина. Зајаците се чуваат во ужасни услови, а на секои три месеци трпат тортура, кога работниците  сурово им го кубат или им го стрижат крзното додека нивните предни и задни нозе се цврсто врзани. Во Кина нема казни за малтретирање на животните на фармите за зајаци и нема стандарди со кои би се регулирал односот кон животните.

Од ПЕТА реагираат на овие ужасни услови. Веќе се потпишува петиција за познатиот ланец на бутици „Зара“ да ги повлече откако ПЕТА го објави видеото за бруталност врз животните.

H&M, Topshop и други фирми веќе ги откажаа порачките на крзно од ангора по објавеното видео.

ПЕТА апелира до купувачите , „Ве молиме да ја прочитате етикетата на џемперот или марамата. Доколку пишува дека е од ангора, не ја купувајте“, изјавила директорката на британскиот огранок на организацијата Мими Бекечи.