Возрасни велешани нови жртви на измамата со наводните сообраќајни несреќи на нивни блиски

Маж и жена во повозрасни години во Велес се најновите жртви на измамата на која последниов месец наседнаа многу лица во замјата, кога злонамерниците во телефонски јавувања ги известуваат граѓаните дека нив близок роднина, најчесто дете, наводно направило сообраќајна несреќа и оти за да минат без казни треба итно да уплатат поголема сума.

Во понеделникот О.С. од Велес претпалднето пријавила дека на два дена претходно била измамена од едно лице за сума од 300.000 денари. Според пријавеното, телефонски ѝ се јавило лицето и ѝ кажало дека нејзиниот син и снаа направиле сообраќајна незгода во која со возилото удриле во дете мигрант и побарало пари да му помогне на синот. Таа му дала 300.000 денари на лицето, но потоа сфатила дека била измамена.

Вчера попладнето, исто така, велешката полиција добила пријава од 74-годишниот Т.Т. дека бил измамен од едно лице за сума од 1.500 евра. Според пријавеното, во 16.00 часот на фиксен телефон му се јавило лицето и му кажало дека неговата ќерка и неговиот зет направиле сообраќајна незгода и удриле дете и побарало од него пари за да им помогне. Според пријавата, тој му ги дал парите но подоцна сфатил дека е измамен.

Ваквиот тип измами зачестија последниот период ширум земјата. Засега полицијата нема сознанија дали станува збор за една иста организирана група измамници, или станува за повеќе лица кои не се меѓусебно поврзани и ја користат наивноста на главно постари лица. Меѓутоа, очигледно е дека криминалците добро ги следат своите потенцијални жртви, ја дознаваат нивната материјална состојба и моментот кога е најдобро да се јават со изнудата.