Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, вчера во Домот на културата одржа впечатлив и јасен отчет пред граѓаните, кој изобилуваше со резултати и конкретни постигнувања од неговиот тригодишен мандат. Презентирањето на сработеното беше транспарентно и професионално, со акцент на најзначајните инвестиции и инфраструктурни проекти што ја трансформираа општината.
Со осветлување на проектите кои оставиле најголем впечаток и кои ќе имаат долгорочен позитивен ефект за сите жители, Стојкоски покажа како со тимска работа и со јасна визија може да се остварат значајни промени. Силната посветеност и стратегија на неговото раководство беа во фокусот на неговото обраќање, кое нагласуваше дека резултатите не се случајни, туку резултат на упорна работа и целосна посветеност.
„Во овие три години, вложивме во образованието, инфраструктурата, социјалните проекти и спортот. Резултатите кои денес ги гледате се директен доказ за тоа како ќе продолжиме да работиме на создавање на поубави и подобри услови за живеење. Не сме се застанале тука, туку ги поставивме темелите за уште поголеми инвестиции и нови проекти кои ќе ги обогатат нашите населби,“ истакна Стојкоски.
Како клучни проекти ги издвојуваат : Изградба на нова градинка во Стопански Двор со капацитет за над 120 деца – прв ваков проект во ова населено место.
• Проширување на градинката „Детелинка“ за дополнителни 100 места и отворање на нов објект „Сонце“ во Волково, кој обезбеди сместување за 200 деца, решавајќи долгогодишен недостаток.
• Доградба на две нивоа и изградба на спортска сала во училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“ – проект од историско значење за образовната инфраструктура.
• Прв сензорен центар за деца со попреченост во Македонија, формиран во градинката „Пампурче“.
• Асфалтирани над 80 улици како дел од проектот „Ѓорче Петров без кал“, најголемата инфраструктурна иницијатива во историјата на општината.
• Решен деценискиот проблем со водоснабдувањето во Кучково преку изградба на целосно нов систем.
• Изградба на фекална и атмосферска канализација во повеќе населени места, меѓу кои улиците Радушка и Манчу Матак.
• Прв социјален клуб во Македонија за лица со аутизам, изграден во Ѓорче Петров.
• Регионален центар за ресоцијализација на деца кои го победиле канцерот, во завршна фаза на изградба во Кучково – пример за хуманост и посветеност.
• Изградба на нови спортски терени во основните училишта „Мирче Ацев“, „Димитар Поп Георгиев Беровски“ и „Страшо Пинџур“, кои обезбедуваат можности за активен живот за младите.
• Нов парк за рекреација во Ново Село и реконструкција на Спортскиот центар „Бранители“ како инспирација за нови генерации спортисти.
• Донесен Детален урбанистички план (ДУП) СЗ 16, со кој се поставува основата за модерна урбана општина, додека за потомците на бранителите обезбедени се поволности како безплатен оброк и сместување во градинките и училиштата.
Отчетот не само што беше презентација на оствареното, туку и завет за иднината.
Стојкоски најави нови инвестиции и проекти за 2025 година, истакнувајќи ја посветеноста на општината кон понатамошен развој и подобрување на условите за живот на сите граѓани.
Меѓу клучните планови се изградба на нова детска градинка во Дексион за 120 деца, изградба на нов локален пат Волково-Орман, пробивање на улицата „Социјалистичка Зора“, како и продолжување на инфраструктурните проекти во сите населени места.
„Ѓорче Петров ќе продолжи да биде општина на развој, просперитет и посветеност,“ истакна Стојкоски, потенцирајќи дека со посветена работа, јасна визија и поддршка од граѓаните, општината гради основи за модерна, функционална и одговорна заедница.