Болничарка од Инфективната клиника која била во контакт со починатата 27-годишна жена од Штипско, се заразила со Конго- Кримска хеморагична треска. Кај нејзе присуството на вирусот бил потврден во саботата во лабораторијата на ИЈЗ и тоа 9 дена по контактот. Најверојатно инфекцијата ја добила преку заразената крв на сега веќе починатата пациентка.
Според информации на Сител, инфицираната здравствена работничка имала покачена температура и е во добра здравствена состојба. Хоспитализирана е во установата каде и е вработена.
Случајот го потврдија и од Министесртвото за здравство.
-Пациентот е хоспитализиран на КИБФС, а ЕПИ Одделот на ЦЈЗ Скопје, веднаш формираше екипа за теренски увид која ги спроведе потребните активности, односно изврши анкетирање на пациентот, ставање под надзор контакти од здравствен ризик со цел спречување од понатамошно ширење на болеста, одговорија од МЗ.
Од 29-те посочени контакти кои ги имала жената која почина од каснување од заразен крлеж, досега вирусот е потврден само кај болничарката од Инфективна. Останатите ќе бидат под надзор до четврток. Членовите на семејството на жената од штипско биле негативни на тестовите за вирусот.
Според епидемиолозите, Конго – кримска хеморагична треска кај вториот и третиот контакт е со поблаги симптоми, како што е случајот со болничарката.
Инфекцијата од каснување од крлеж е побрза и побурна и се јавува вообичаено еден до три дена. Смртоносна е во над 40 проценти од случаите. Болеста почнува ненадејно со висока температура и останати симптоми карактеристични за вирусни инфекции, а закрепнувањето е бавно.
Балканот е ендемско подрачје за овој вид на треска која ја пренесуваат крлежи, а во земјава пред 40 години имало епидемија со 13 случаи од кои двајца починале.
Освен од заразен крлеж, меѓу луѓето се пренесува и преку крв или секрет на веќе инфициран.