Животот ми е уништен. Немам постојана адреса на живеење, а менувам често и телефонски број поради заканите кои ги добивам. И мојата ќерка ги чувствува последиците. Понекогаш сè уште мислам дека е тука“, раскажува Верче Стојкоска медицинска сестра од Клиниката за кардиохирургија за односот на поранешниот директор на Клиниката,, објави 4NEWS.mk.
Докторот кој сега е разрешен од функцијата, претходно беше дел од тимот кој спроведуваше неколку успешни трансплантации на срце. При разрешувањето министерот за здравство Фатмир Меџити со ниту еден збор не ја спореше неговата стручност, но кога станува збор за менаџирањето со еден колектив, тогаш спомена и мобинг.
На почетокот од октомври, во медиумите беше објавивено видео на која се гледа како д-р Јовев физички и вербално ги напаѓа колегите на кардиохирурхија.
„Тоа на снимката не беше првпат. Со мене беше трето случување. На 26.06, 04.07 и 18.09. Од него како директор имам многу мобинг наназад. Кога ќе ме видеше фрлаше со инструменти по мене. Имаше и обиди кога сакаше физички да ме нападне“, се сеќава Стојкоска.
Неколку пати досега случајот е пријавуван во полиција, а Јовев бил повикан да даде исказ. Но малтретирањето според сведоштвото продолжило, па во една прилика ѝ се заканил дека ќе ја убие.
На работното место како што вели Стојкоска често добивала намалување на плата, а имало и барање за суспендирање. Во октомври и ноември минатата година ѝ биле исплатени само 4.000 денари.
„Морав да молчам, беше директор. Иако барав и сакав да разговарам со него. Јас сум на 50 години, каде да барам друга работа?!“, вели Стојкоска.
Јовев често ги казнувал и докторите, со намалување на платите за 20%. Во решенијата најчесто пишувало поради „дисциплинска неуредност“, или „јавна опомена“. Казнети биле докторите Марија Котевска Анѓушев, Марјан Шокаровски (сегашниот директор на Клиниката), Вангел Здравески…
Она што во овие случаи е интересно е што не бил почитуван член 187 од Законот за здравствена заштита според кој треба да се формира дисциплинска комисија, по што работоводниот орган треба да го потпише решението за дисциплинската мерка. Во овој случај, според казнетите, таа постапка воопшто не била почитувана.
Во врска со разрешувањето на Јовев, Меџити во неколку наврати во почетокот на јуни изјави дека овој негов потег се должи на „констатирани злоупотреби од страна на инспекција. Нема да дозволам да има директори кои 5 до 10 години не доставиле никаков извештај и немаат ништо сработено. Не работиме напамет, имавме сознанија и имавме од одредена клиника поплаки за мобинг и други злоупотреби. Но да не ја мешаме професионалноста како лекар и како директор. Тука станува збор за злоупотреба на работното време и внатре во менаџирањето. Има извештај за тоа зошто е разрешен. Сакам да отфрлам каква било инсинуација дека разрешувањето има политичка позадина“, рече Меџити.
Д-р Јовев по објавената снимка во медиумите, не даде свој коментар. Во разговор за Фокус, ги кажа своите гледишта за неговото разрешување.
„Пред една недела отворавме хибридна сала и слободно можам да кажам дека е единствена ваква во регионот. Меѓутоа, на самиот настан требаше да присуствуваат премиерот Димитар Ковачаевски и министерот Меџити. Двајцата кажаа различни термини на кои им одговара денот кога да се официјално пушти во употреба хибридната сала, но премиерот инсистираше на одреден датум со оглед на бројните активности што ги има. Се одлучивме за таа дата и тука се налути министерот, кој не се појави на самиот настан“, тврди доктор Јовев за „Фокус“.
Доктор Јовев долги години управуваше со кардохирургија и еден од наградуваните лекари. Тој лани беше меѓу добитниците на државната награда „Св. Климент Охридски“, највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес во државата. Претходно ја доби наградата за животно дело „Гемиџиите“ на Општина Велес, а беше и дел од тимот наградени со „13 Ноември“ на Град Скопје. Првата трансплантација на срце беше изведена на 23 мај 2020, оттогаш има изведено вкупно осум пресадувања на срце.