Вработени од АД „Водостопанство“ попладнево протестираа пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, барајќи исплата на три заостанати плати како и здравствено осигурување за два месеца. Раководството на Синдикатот во АД „Водостопанство“ најави дека ќе стапат во штрајк доколку не добијат одговор за исплатата во наредните два до три дена.
Претседателот на Синдикалната органзиација на АД „Водостопанство“, Коста Малзарков изјави дека работниците се разочарани и без основни услови за пристоен живот.
– Протестираме затоа што немаме земено три плати, два месеци немаме здравствено осигурување, вчера почна школската година, децата тргнаа во училиште самонашите работници не можеа да ги испратат децата со тетратки моливчиња и ранци не можеа да им дадат по пари за оброк, немаат платено сметки за вода и струја, немаат платено рати за кредити секој ден им се јавуваат извршители – изјави Малзарков.
Тој додаде дека се уште немаат никаков одговор од Министерството за нивните барања.
„Од Министерството нè не испочитуваа, министерот не е тука, заменик министерот си отиде, државниот секретар си отиде, останатите ги пуштија три саати порано од работа, од државниот врв со месеци ги убедува дека утре ќе има пари, само уште нешто да се изгласа, само уште нешто да се пресмета. Тоа утре никако да дојде“, се жалат од Синдикатот.
Од Министерството пак, во соопштение објавено непосредно пред почетокот на најавениот протест, информираа дека во интерес на вработените заедно со Владата работат на решавање на проблемот.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата одговорно го разгледуваат прашањето со обезбедување на дополнителни финасиски средства за АД Водостопанство. Владата веќе одобри дополнителна финансиска помош за АД Водостопанство до 200 милиони денари со кои ќе се реши овој проблем. Во интерес на јавноста сакаме да напоменеме и за околноста дека АД Водостопанство е посебен орган кој работи самостојно со сопствен буџет и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема никаква законска можност за распределба или управување со нивните средства, особено за платите кон вработените“, се наведува во соопштението.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека се одобрени дополнителни 200 милиони денари за АД „Водостопанство“.
Се работи, како што информира МЗШВ, и на нов модел за преструктуирање на претпријатието, кој треба да ја подобри и зголеми ефикасноста на вработените.
„Во интерес на јавноста сакаме да напоменеме и за околноста дека АД Водостопанство е посебен орган кој работи самостојно со сопствен буџет и Министерството за земјоделство нема никаква законска можност за распределба или управување со нивните средства, особено за платите кон вработените. Но, како никогаш до сега МЗШВ вложува во изградба на нови системи за наводнување. Преку сите почнати нови капитални инвестиции во овој период обезбедуваме наводнување за нови 20.000 хектари земјоделски површини. Се гради браната Конско, а работиме на проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар. Со поддршка на ЕУ се градат седум мали нискотрошковни системи за наводнување во Конопница, Теарце и Пишица, системите Чаушица и Славишко Поле се веќе завршени, а следуваат системите Сопот и Новаци“, наведува МЗШВ.
Преку KfW, додава, обезбедени се дополнителни 120 милиони евра со кои се подготвува проектна документација за системите Конско, Лисиче, Страиште, Пепелиште каде се обезбедува наводнување за вкупно 15.500 хектари земјоделско земјиште.
„Со ребалансот на Буџетот за 2022 година 450 милиони денари, нови дополнителни средства за реализација на капитални инвестиции во делот на водоснабдувањето за проектите Конско, Равен – Речица и Речани. Токму преку овие капитални проекти уште еднаш потврдуваме дека наш главен приоритет е редовно и навремено наводнување на земјоделските површини, како и проширување на системите со нови инвестиции“, нагласува Министерството за земјоделство.