Вработени во мисијата на ЕУ во Авганистан обвинети за препродажба на алкохол

Вработени во канцеларијата на Европската унија во Кабул, чијашто националност не се наведува, се обвинети за препродавање алкохол во Авганистан каде што е забранет, признаа во неделата од Унијата по медиумските написи.

Според пишувањето на британскиот дневен весник The Guardian, кој се повикува на „европска функционерка“, нечесните вработени во мисијата на Европската унија во авганистанската престолнина Кабул, шише џин и виски продавале по цена од 50 американски долари, што е двојно повеќе од увозната цена, а вотката по 60 долари, шест пати поскапо отколку што ја набавувале.

Нивни клиенти биле авганистански деловни луѓе, тврди весникот кој открива дека алкохолните пијалаци се превезувале во стари камиони ладилници и во плински боци.

За амбасадите и меѓународните претставништва во Авганистан важат посебни прописи коишто им овозможуваат да увезуваат алкохол и вино за лична потрошувачка на своите службеници.

На прашање од агенцијата AFP, портпарол на ЕУ потврдил дека одделот на Унија за борба против корупцијата OLAF работи на ваквите обвинувања.

„Службата за надворешни операции на ЕУ и Европската комисија (…)се известени за овој случај во август и веднаш го известија бирото за борба со корупцијата“, истакнал за агенцијата портпаролот.

Во моментов OLAF ги проверува наводите, истакнувајќи дека дури „по првичните процени ќе одлучат дали ќе покренат истрага“, додал.

Портпаролот чиешто име не се наведува, не сакал да ги потврди тврдењата на британскиот весник дека пратка алкохол од 120 шишиња од вискиот од брендот „Chivas“ којашто ја нарачал еден вработен во мисијата, е продадена во јануари 2016 година за дури 21.03 американски долари.

Според весникот, кој тврди дека имал увид во документи, делегацијата на ЕУ во Кабул купила алкохол за речиси 510.000 американски долари во период од 20 месеци до декември 2016 година. Иследниците во Брисел добиле копии од пораки од Facebook и WhatsApp испратени наводно од еден од учесниците во овој шверц со алкохол, коишто го покажуваат обемот на нарачките што биле правени во мисијата на ЕУ во полза на локалните бизнисмени во Кабул.

Претставништвото на ЕУ во Кабул имало ова лето повеќе десетици странски вработени. Но нивниот број значително е намален по нападот со камион бомба во мај во дипломатскиот кварт во кој загинаа 150 луѓе а уште 400 беа ранети.