Вработени во НП „Пелистер“ сечеле молики и ели без дозвола од шумски инспектор

Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против пет физички лица и против правното лице Национален парк „Пелистер“, Битола, за кривично дело пустошење шума од член 226 од Кривичниот законик. За истиот настан е поднесено обвинение и против одговорното лице , односно в.д. директорот на националниот парк, кое се товари за кривичното дело несовесно работење од член 353в, став 5.

„На точно неутврден датум, во периодот од крајот на септември 2023 година до 9.10.2023 година, во близина на место викано Голема ливада во рамките на Националниот парк Пелистер, петтемина први соизвршители, во име и за сметка на обвинетото правно лице, спротивно на Законот за шумите, сечеле шума во националниот парк. Врз основа на усна наредба на двајцата првообвинети, останатите тројца шумски работници, без претходно одобрение и извршен преглед на ознаката за сеча од овластен инспектор за шумарство од Државниот инспекторат за шумарство, од Националниот парк Пелистер бесправно исекле 85 стебла молика и 24 стебла ела во вкупна количина на дрвна маса од 168.63 метри кубни, со намена за нивна продажба како дрвна маса во име и за сметка на обвинетото правно лице ЈУ Национален парк Пелистер“, соопшти Јавното обвинителство.

Последниот обвинет, се додава во соопштението, како вршител на должноста директор на Националниот парк, од небрежност, со пропуштање на должен надзор, очигледно несовесно постапувал при вршење на своите овластувања и должности и не ја обезбедил законитоста и соодветно управување во работењето на Националниот парк Пелистер.

„Тој бесправно исечените дрвја и друга дрвна маса за која нема доказ дека е сечена согласно закон ги продавал во име и за сметка на ЈУ Национален парк Пелистер Битола како техничка дрвна маса на три правни лица, со што обвинетиот прибавил имотна корист на ЈУ Национален парк Пелистер Битола во износ од 1.752.287 денари (28.000 евра)“, соопшт Јавното пбвинителство.

Според Кривичниот законик тој што спротивно на прописите  сече или копачи шума или на друг начин пустоши шума, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако делото е извршено во заштитена шума, национален парк или во друга шума со специјална намена, сторителот ќе се казни со
затвор од една до пет години.