Се проценува дека стотици вработени во компанијата сопственик на социјалната мрежа за миркоблогирање Twitter ќе ги напуштат своите работни места, откако новиот сопственик милијардерот Илон Маск постави ултиматум и побара од нив да се согласат на „многу часови восок интензитет“ на работа или да си заминат.
Во анкетата на апликацијата Blind, којашто ги проверува вработените преку нивните деловни електронски адреси и им овозможува анонимна размена на информации, 42 отсто под 180 вработени го избрале понудениот одговор „Избирам опција за излез, слободен сум!“.
Четвртина од нив навеле дека решиле да останат, но „неволно“, а само 7 отсто од учесниците во анкетата „кликнале да останат – јас сум тврдокорен“.
Маск се состанал со некои од најдобрите вработени за да ги убеди да останат, навеле еден вработен и други кои неодамна биле отпуштени, но се во контакт со колегите од Twitter, пишува Reuters.
Оттаму, не е познато колку вработени решиле да останат, а бројките ја нагласуваат неволноста на дел од вработените да останат во компанијата, откако Маск брзаше да отпушти половина од вработените, вклучително и главниот менаџмент.
По отказите, основачот на „SpaceX“ и на „Tesla“ ги бранеше своите постапки, велејќи дека „немал избор“, туку дека морало да го намали бројот на вработените, бидејќи компанијата работи со дневна загуба од четири милиони долари. Покрај тоа, Маск упорно истакнува дека вработените ги чекаат долго работно време и интензивно темпо на работење.
Во четвртокот вечерта почнало отстранување на вработените од канцелариите, тврдел за Reuters еден неименуван извор. Од Twitter, кој остана без повеќето членови на комуникацискиот тим, не одговорил никој на барањето за коментар. По заминувањето на многу инженери одговорни за исправање на грешките и спречувањето на прекин на услугите, се поставува прашањето за стабилноста на платформата во време на губење на заработките и на вработените.
Верзијата на Twitter апликацијата којашто ја користат вработените почнала да забавува во функционирањето во четвртокот вечерта, тврди извор наводно упатен во проблематиката и проценува дека постои опасност да биде загрозено функционирањето на јавната верзија на платформата.
„Доколку дојде до прекин на работата, повеќе нема да има никој кој би можел да ги поправи работите во многу области“, рекол изворот кој сакал да остане анонимен поради наводен страв од наводна одмазда.
Во приватната Slack група за сегашните и поранешните вработени на Twitter , околу 360 луѓе се придружиле на новиот канал на „доброволни откази“, рекол друг анонимен извод кој наводно бил запознаен со споменатата група.
Одвоена анкета на Blind барала од вработените да проценат кој процент луѓе би можел да ги напушти Twitter. Повеќе од половината од испитаниците проценуваат дека би можело да заминат најмалку 50 отсто од вработените.
Сини срца и емотикони со поздрави го преплавија Twitter и неговите интернет чет-соби во четвртокот, вторпат во последните две седмици.
„Во иднина, за да го изградиме пробивниот Twitter 2.0 и да успееме во сѐ покомпетитивниот свет, ќе мораме да бидеме крајно тврдокорни. Тоа ќе значи долготрајна и многу интензивна работа. Единствено исклучителните перформанси ќе бидат задоволувачки“, напиша 51-годишниот милијардер во електронската порака од средата утрото.
Во истата порака, од вработените се барало да кликнат на „да “ доколку сакаат да останат во компанијата. За оние кои не одговориле на имејлот во четвртокот до 17 часот по времето на Источниот американски брег, се сметало дека дале отказ и ќе добијат отпремнина од три месечни плати.
Со приближувањето на рокот, вработените трескавично се обидувале што да сторат. Еден тим на Twitter одлучил заеднички да ја напушти компанијата, рекол за Reuters повторно анонимен извор кој си заминал.
Компанијата ја напуштила и Тес Риенарсон која требало да го води тимот за криптовалути во Twitter.
А Маск, додека се нижеле оставките, на Twitter објавуваше шеги. „Како да заработите мало богатство на социјалните мрежи? Почнете со големо“, напиша милијардерот.