Вработените на Клинички ќе плаќаат поскап паркинг

Вработените во кампусот клиники „Мајка Тереза“ паркинг местото повеќе нема да ги чини 300 денари, туку 800, впрочем како и за сите останати вработени во државните институции.

Одлуката за зголемување на цената на паркингот предизвика незадоволство кај вработените во Клиничкиот центар, кои и онака секојдневно се борат да пронајдат слободно паркинг место во сообраќајниот хаос во кругот на клиниките, предизвикан токму од недостигот на места на паркирање.

За ваквиот предлог на „Градски паркинзи“, реагираше Синдикатот на Клиничкиот центар, од каде велат дека практично покачувањето на платите од 5% ќе се сведе на нула.

Планираното покачување на паркинг местото во кампусот клиники “Мајка Тереза“ за 500,00 денари месечно со кое истото ќе изнесува 850,00 денари месечно, најмногу ќе ги погоди вработените од социјално најранливата категорија, чија бруто плата изнесува 17,883.00 денари, односно 12,503.00 денари нето плата, реалниот месечен приход со кој располагаат. На овој начин, оваа социјално најранлива категорија вработени треба приближно еден месец во годината да работи за да го плати паркинг местото на своето возило за време на извршување на своите работни обврски, се вели во соопштението од Синдикатот.

Оттаму воедно побараа министерот за здравство Венко Филипче, да го искористи својот личен, но и авторитетот на институцијата, за да го реши овој проблем во полза на вработените.
Неофицијално, министерот Филипче побарал оваа точка да се симне од дневниот ред на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Инаку, исто така, паркинг место тешко наоѓаат и пациентите, особено поради фактот што капацитетот на паркирање е 670 места, а само за вработените во Клиничкиот центар се издадени 1.500 месечни карти.

Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Светлана Колариќ побара да се повлече предлогот од дневен ред, со образложение дека со поскапувањето на цената на билетите, што има за цел да го реши проблемот со асерозагадувањето, е паушално, а не систематско решение.

Со тоа што им дадовте минимално покачување на платите на медицинскиот песронал, сега сакате со покачувањето на цената на паркингот да си ги вратите парите во буџетот. Да, има гужва, но тоа не се решава со зголемување на цената. Се носи избрзана одлука, бидејќи оваа мерка ќе има нула-ефект во однос на загаувањето, посочува советничката Колариќ.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во одбрана на предлогот, нагласи дека вработените во Клиничкиот центар треба да бидат третирани како и сите останати вработени во други институции и министерства, кои плаќаат по 800 до 1000 денари месечно за паркинг на возилата.

Евтиниот популизам носи само тешки последици и со тоа треба да живееме и понатаму. Со ова треба да се дестимулира употребата на автомобилите како едно од решенијата против аерозагадувањето. Цената се зголемува само за вработените, а за пациентите останува иста. Ова што сега таму се случува е хаос. Вработените кога паркираат, нивните возила остануваат цел ден на тоа место, а пациентите не можат да влезат. Не е се политика. Како за едните, така и за другите. Без лицемерите, бидејќи крокодилските солзи што се леат заради покачувањето се лажни, тврди Шилегов.

Од Град Скопје најавија изградба на монтажен паркинг во кругот на Клиничкиот центар.