Вработените во АД ЕСМ можат да одат два месеца на неплатен одмор, додека трае енергетската криза

АД ЕСМ и Синдикалната организација во компанијата потпишаа нов колективен договор со кој се унапредуваат и подобруваат условите за работа, како и правата на вработените. Со него се прецизира минималната плата според новите законски измени, се утврдува исплатата на два додатока за работа во недела, дополнителни исплати за вработени во случај на работни обврски надвор од утврдените со работното место, особено за работа во стручни комисии за инвестициски и други проекти, унапредување на родовата еднаквост во однос на прашања поврзани со солидарната помош, унапредена е можноста за оспособување и стручно усовршување на вработените особено во профили кои во иднина ќе бидат повеќе потребни во производниот процес, потоа се олеснува можноста за изведување на ученичка и студентска практична работа во електраните на АД ЕСМ и друго, соопштија од компанијата.

Дополнително ќе им се овозможи на вработените самоиницијативно да се пријавуваат за неплатен одмор во траење до 2 месеца, во период на траење на енергетската криза, за профили кои не се неопходни за производниот процес, со цел да се намалат трошоците.

Од менаџментот на АД ЕСМ сметаат дека целта на колективните договори не е само да ја подобрат финансиската состојба на вработените, туку и да имаат позитивен ефект врз колективната атмосфера во друштвото.

АД ЕСМ и Синдикалната организација потпишаа колективни договори во 2018 и 2020 години. Секој од тие документи претставувал дополнително подобрување на условите за работа на вработените, како и придобивките од работниот ангажман во АД ЕСМ. Новиот колективен договор го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски и претседателот на Синдикалната организација на АД ЕСМ, Јове Смилевски.