Вработените во англиските домови за нега мора да се вакцинираат или да бараат нова работа

Вработените во домовите за нега на стари и немоќни лица кои не се подготвени да се вакцинираат против Covid-19 би требало да си „заминат и да најдат друга работа“, порача во саботата британскиот министер за здравство Саџид Џавид.

Министерот Џавид ги отфрли барањата на споменатите домови привремено да се суспендира одлуката за задолжително вакцинирање на работници на англиските домови, поради можноста некои од нив да не можат да функционираат доколку останат без од своите работници.

Надра Ахмед, претседателка на Националната асоцијација на нега, побара од владата да го врати како краен рок 11-ти ноември до кој вработените би требало да ги примат двете дози од вакцините против Covid-19. Додаде дека системот на јавното здравство ќе биде погоден, доколку домовите бидат присилени да се намали бројот на корисници.

Меѓутоа, британскиот министер за здравство Саџид Џавид порача дека лицата кои не се подготвени да се вакцинираат не би требало да работат во домовите за стари и немоќни лица.

„Ако работите во дом за стари и немоќни, тогаш работите со некои од најзагрозените луѓе во нашата земја. Ако не се подготвени да се вакцинирате заминете и најдете друга работа“, изјави Џавид за BBC Radio 4.

„Доколку, пак, сакате да се грижите за нив, ако сакате да готвите за нив, ако сакате да ги храните, ако сакате да ги ставите в кревет, би требало да се вакцинирате“, порача министерот.

Ахмед, од своја страна, вели дека домовите за стари и немоќни веќе го надвладеале значителниот отпор на персоналот кон вакцините против корунавирусот.

Во ноември минатата 2020 година, непосредно пред почетокот на масовната имунизација, Ахмед рече дека само 40 отсто од вработените во домовите одговориле дека ќе се вакцинираат. Меѓутоа, сега целосно се вакцинирани 86 отсто од вработените во овие домови.

„Не сме против вакцините. Само велиме дека ни е потрено уште време“, вели Ахмед.

Истакна дека ситуацијата моментално е „хронична“ по прашањето на потребниот персонал, како и дека моменталниот краен рок за вакцинирање само ќе ја влоши ситуацијата.

„Ќе имаме даватели на услуги кои повеќе нема да можат сигурно да ги испорачуваат своите услуги, а тоа може да значи само дека ќе мора да ги поништуваме договорите“, додаде Ахмед.