Вработените во јавниот сектор добија алатка за пријавување предизборни притисоци

Вработените во јавниот сектор од денеска ќе може да пријавуваат притисоци во предизборен период на алатка која е поставена на веб страницата на Министерството за информатичко општество и администрација.

Ресорниот министер Дамјан Манчевски апелира до вработените во јавниот сектор да ја користат алатката и да пријават евентуален притисок.

Целта на алатката е да се обезбедат и гарантираат сите предуслови за фер и демократски избори. Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели исвоите лични податоци тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштита на личните податоци и за тоа веќе се преземени соодветни технички и организациски мерки.

– Цврсто стоиме на заложбата дека притисоци, уцена и злоупотреба во јавниот сектор нема и нема да има и за време на оваа кампања, како и за кампањите за сите изборни процеси во изминатите три години вработените во јавниот сектор ќе можат на лесен и едноставен начин да пријават доколку некој им врши притисок во контекст на изборниот процес – рече на прес-конференција министерот Манчевски, потенцирајќи дека ја промовираат алатката на меѓународниот ден на јавниот сектор.

МИАО се обврзува дека сите пристигнати пријави ќе ги проследи до надлежните органи за понатамошно постапување. За тоа веќе организирале и координативни состаноци со Државната комисија за спречување на корупција, Народниот правобранител, Агенцијата за администрација,  Државниот трудов инспекторат, Агенцијата за вработување, како и сите други надлежни институции.

На претходните изборини процеси и на референдумот преку ваквата алатка имало најмногу 10 пријави, повеќе од половина од нив биле несоодветни, а сите што требало биле препратени во соодветната институција.