Вработените во „Еурокомпозит“ најавуваат протсти пред владата

Вработените во прилепското наменско претпријатие „Еурокомпозит“ немаат добиено 16 плати, а придонесите не им се платени од јуни 2012 година, додека за 2018 година, пак, добиле само 5.000 денари паричен надоместок како плата.

Штрајкот на вработените во „Еурокомпозит“ продолжи и во четвртокот, и тоа повторно во траење од два часа го блокираа регионалниот пат Прилеп – Скопје. Тие не ја прифатиле последната понуда на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, да добијат една бруто плата и во рок од шест месеци да им биде решен нивниот проблем.

За да започнат со работа, бараат исплата на две бруто плати и велат дека шест месеци бил предолг период за да им бидат решени проблемите. Велат, исто така, дека доколку не се исполнат нивните барања, следната седмица ќе дојдат на протести пред влада.

Им било ветено и повлекување на одлука за отпуштање од работа на стотина лица, но ништо од тоа.

„Директориве беа вчера во фирмата, очекувавме дека и тие ќе нѐ викнат на некоја средба. Ни тоа не се случи. Бараме под итно решавање на нашите проблеми, немаме огрев во фирмата, нема вода, немаме плата, немаме приодонеси“, изјави за новинарите Роберт Богданоски, претседател на синдикална организација.

„Едно не ми е јасно, како може Владата, како оваа рака и претходната Влада, да ги повикува странските инвеститори да вложуваат тука, пет години за нивните вработени им ги плаќа придонесите, а ниие 100 проценти државна фирма немаме платено придонеси со години“, рече Жарко Талески, вработен во „Еурокомпозит“.

Од менаџерскиот тим на компанијата одговорија дека вработените треба да ги прекинат протестите и да продолжат со работа за да добиваат некаков надоместок, затоа што се до продавање на компанијата на странски инвеститор, нема да може да се решат нивните проблеми.