Вработените во Фени пак на протест: Договор со бугарска фирма нема, Китев моли за решение за да го „испере“ СДСМ

Сметките на „Фени индустри“ се’ уште се блокирани иако вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев неодамна изјави дека Владата е посветена на изнаоѓање решение за проблемот со Фени.

Анѓушев кога стапи на функцијата вицепремиер изјави дека Владата е посветена на изнаоѓање решение и оти интензивно разговараат со сопственичката структура и менаџерскиот тим на Фени, но од тоа нема никаков резултат.

„Владата е посветена на изнаоѓањето решение, интензивно разговараме и со сопственичката структура и со менаџерскиот тим на ’Фени’ да изнајдеме решение како овој проблем да биде решен. „Фени“ е голем индустриски капацитет, истакна Анѓушев.

Посочи дека Владата може да помогне на краток рок, во рамките на своите капацитетит но, долгорочно решение мора да понудат сопствениците и менаџерскиот тим на комбинатот.

Ситуацијата малку ја смирија најавите дека бугарска фирма го купила „Фени“, но оваа информација се покажа дека е лажна и револтот кај вработените дополнително се зголеми.

Бугарски „Енекод“ не може да го преземе „Фени“ иако договорот за купопродажба беше најавено дека ќе се потпише.

Синдикалната организација при Фени Индустри денес одржа итен состанок по повод неповолната односно доволно нејасната состојба околу продажбата на „Фени“ и неисплатата на личниот доход. КУРИР дојде до одлуката донесена на состанокот во која се наведува дека вработените утре стапуваат во штрајк.

„Бидејќи во текот на денешниот ден се одржува состанок помеѓу инвеститорот од Бугарија, Ендокод и банките се чека било каков одговор до крајот на денот. Доколку одговорот е негативен, утре на 27.10.2017 во 13:30 часот вработените стапуваат на ПРОТЕСТ“, стои во одлукатa.

Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Бетијан Китев, вложува силни напори да се смири ситуацијата бидејќи истата не му е од полза пред вториот круг од локалните избори. За време на состанокот Китев постојано се јавувал и молел тензијата да се смири и да се најде некое решение само за работниците да не излезат на штрајк. Револтот на вработените е насочен и кон Владата на Зоран Заев чии претставници даваат лажни ветувања играјќи си со судбината и егзистенцијата на овие луѓе. Китев буквално водел борба случајот да се заташка и вработените да бидат замолчени. Но, не му успеало.