Нема да дозволиме за 100.000 евра месечно да се заработуваат 1,5 милиони евра месечно со моменталната цена на никелот, предупредија во понеделникот вработените во кавадаречкиот металуршки комбинат „Фени“ кои се противат во компанијата да влезе закупец а кој нема да инвестира.
Со закупот, според нив, ќе се одложело плаќањето на долговите кон доверителите, а за кое време, не се знаело. Против закуп на „Фени“ се вработени во комбинатот, Синдикалната организација, доверители и транспортери. Нивниот став денеска го изнесе Ѓоре Палитов, претседател на Синдикатот.
Тие, како што кажа, рекле дека ќе се противат со сите можни мерки зашто сметале дека има заинтересирани инвеститори со план за реорганизација и плаќање на долгот кон доверителите.
„Нема да дозволиме да влезе закупец кој нема да инвестира во фабриката, кој ќе плаќа само закупнина и во секој момент ќе може да ја напушти фабриката. Со тоа ќе се изгубат заинтересираните инвеститори, а не е позната и иднината на вработените. Со закупот постои страв дека ќе се избркаат заинтересираните инвеститори, а може да се земе фабриката без пари, децидни биле револтираните“, рече.
Палитов посоли дека консултирале правни експерти и тие им рекле дека давањето под закуп било незаконско, особено заради одлука на одбор на доверители во кој членови биле банките.