Доколку Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денеска на седница донесе одлука за намалување на платите на вработените за 21 процент, вработените ќе стапат во штрајк, најави Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗОМ.
На шалтерите ќе работи само по едно лице кое ќе прима само документација и ќе нема исплати на капитацијата за матичните лекари, за лековите за аптеки, за плати во јавно здравство, како и други услуги, рече првиот синдикалец.
Членови на синдикатот пред зградата на Фондот го чекаат исходот од продолжението на седницата на Управниот одбор што почнала на 4 јануари, за, како што рече Аџигогов, непринципиелниот предлог со кој се бара намалување на платите на вработените.
– Од 9 јануари со препорака од Владата, како што е срочено, се бара намалување од 21 процент. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент – изјави Аџигогов.
Со одлуката се засегнати 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, според Аџигогов, 25 проценти ќе добиваат плата со износ под минимална плата, а 25 проценти колку минималната плата.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деановски порача дека Владата нема ингеренции да бара ништо од Фондот за здравство бидејќи Фондот е самостојна институција. Тој потсети дека Синдикатот и раководството преговарале осум месеци и успеале да издејствуваат 15 проценти покачување на платата, но како што наведе, министерот за финансии Фатмир Бесими побарал, а Владата го поддржала барањето платите да се намалат за 21 процент.
– Од нас се бара да се извршуваат можеби најсложените работни задачи од здравственото осигурување во државата, што е примарна дејност на Фонд за здравство. Доколку се донесе ваква одлука со намалување, жал ми е што ќе кажам, но ќе страдаат само граѓаните, тие кои се на боледување, нема да се работи воопшто ништо, без оглед какви притисоци и да имаат вработените кои се членови на Синдикатот на УПОЗ – најави Деановски.
Буџетот на ФЗО е над 46 милијарда денари, од кој износ за плати се издвојуваат 1,19 проценти.