
Поради незадоволството од висината на нивните плати, вработените во палатата на британската кралица Елизабета Втора во Виндзор се заканија со штрајк.
Според лондонскиот весник „Телеграф“ вработените во кралскиот дворец имаат почетна плата од 14.400 фунти годишно, што е помалку од просекот во Велика Британија, иако тие работат и прекувремено и понекогаш мораат да бидат и туристички водичи и преведувачи, за што не добиваат дополнителен надомес,.
Синдикатот на вработните во јавните служби (ПЦС), во кој членуваат 120 од вкупно 200-те вработени во палатата во Виндзор, тврди дека кралското домаќинство го прекршило ветувањето дека на послугата ќе и биде платено за дополнителната работа.
Синдикатот до 14 април ќе спроведе анкета меѓу своето членство околу организирањето штрајк на вработените во Виндзор, кој би можел да се одржи во втората половина на идниот месец.
Секретарот на Синдикатот, Марк Сервотка тврди дека вработените „му се апсолутно лојални на својот работодавец“, но дека од нив се бара бесплатно да вршат работи што му носат приходи на кралското семејство.
Кралскиот дворец во Виндзор годишно го посетуваат по околу 1,1 милиони туристи, што на семејството на кралицата Елизабета Втора и носи приходи од над 17 милиони фунти, кои се користат за одржување на имотот.
фото: telegraph.co.uk