Вработените во специјалното јавно обвинителство добија плати и додатоци на платите за септември и за октомври, потврдиле вработени за „А1он“. На сметките на вработените, освен двете плати, легнале пари и за додатоците од 35 отсто за посебни услови за работа, постоење висок ризик и доверливост, но без високите суми за надоместоци за доверливост. Управата за јавни приходи не открива на кој начин е извршена уплатата со оглед на тоа што институцијата нема овластен потписник. Сепак, најде начин да им пушти плата на вработените во СЈО.
Вработените до Обвинителство поднеле анонимна пријава до УЈП за неисплатените плати и очекуваат плата и за ноември.
Неодамна телекомуникацискиот оператор им ги врати телефонските линии и интернетот на вработените откако кратко време беа со исклучен интернет и само со една линија.
Неисплатените надоместоци за доверливост вработените имаат право да ги бараат од матичното обвинителство, бидејќи за тоа потпишале договори со својата шефица Катица Јанева. Не е исклучена можноста тие да поднесат тужби и со тоа да ги добијат надоместоците за кои склучиле договори.
Законот за јавнообвинителската служба, со кој државнот јавен обвинител Љубомир Јовески требаше да добие овластување за да ги преместува стручните соработници и другите вработени, никако да дојде на дневен ред на Собранието. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас за високите надоместоци за доверливост што ги примале вработени во СЈО.