Вработените во Токсикологија во одбрана на д-р Беќаровски: Никогаш не навредувал колеги Албанци

Откако Министерството за здравство на социјалните мрежи сподели документ во кој има сериозни обвинувања за доктор Нико Беќаровски дека наводно ги навредувал вработените по национална основа, се огласи прво самиот Беќаровски, а по него и колегите од Клиниката кои имаат засновано работен однос на неопределено време со потпишана изјава со која ги демантираат наводите на колегите Албанци кои имаат истечени договори и не се повеќе вработени на Клиниката.

„Ние, Вработените од УК за токсикологија со редовен заснован работен однос на неопределено време во целост ги демантираме наводите изнесени со Изјава од 26.04.2024 година на групи лица без статус на вработени во клиниката, а кои се однесуваат за наводно кажани навреди против албанци од Проф др Нико Беќаровски.

Најостро реагираме и ги демантираме информациите изјавени во неколку медиуми од Министерство за здравство и сме должни на јавноста да појасниме дека било какви навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа ангажирани со договор за дело од страна на Проф.др Нико Беќаровски не се упатени.

Доктор Нико Беќаровски е врвен професиналец кој повеќе од 10 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи без разлика на етничката припадност или припадност на политичка партии, па поврзувањето неговото име со вакви невистини за политички цели е скандалозно и некоректно и поттикнува нетрпение по национална основа“, се вели во потпишаната изјава.