Вработувања во здравството ќе има, но покачување плати, тешко до крајот на годинава

Министерот за здравство, Арбен Таравари, ќе преговара со синдикатите за нивните барања за нови колективни договори во здравството, но она што ќе се договори би можело да се реализира не до крајот на оваа, туку следната година. До крајот на оваа година предвидени се нови вработувања, но нема простор за покачување на платите.

„Вработувања секако ќе има меѓутоа покачувања и нов колективен договор по барање на синдикатите искрено, да бидам искрен, можам да кажам сешто, но тешко е да се спроведе до крајот на оваа буџетска година. Имаме огромен буџетски дефицит. Меѓутоа за предлог-буџетот помина првото читање, сега е второто читање, јас се надевам дека во здравството нема да има огромно скратување на буџетот бидејќи мора да преживееме и да поминеме до ноември оваа година “, рече министерот Таравари.

Најави дека со синдикатите ќе продолжи да преговара, но ќе бара од нив разбирање оти годинава е невозможно да се донесе нов колективен договор.

Синдикатите на здравствените работници со месеци бараат нов колективен договор за вработените со кој ќе се зголемат платите во здравството.

Ставот на министерот Таравари воопшто не е изненадување по минатонеделното задолжение од Влада што го добија сите институции да внимаваат при потпишувањето нови колективни договори и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година.