Петре Димовски со расказот „Во трка за животот“ е првонаграден на годинашниот Конкурс за краток расказ на весникот „Нова Македонија“. Втората награда ја доби Симона Јованоска за „Последниот кат“, а третата награда е за Ленче Милошевска за „Пештер“. Доделени се и три откупни награди – Тони Попов за „Гугутки“, Лилјана Пандева за расказот „Дупка“ и Емилија Гиноска за „Ентелехија“.
Уредничка на редакцијата за култура во „Нова Македонија“ Весна Дамчевска на денешното врачување на наградите рече дека секој од овие шест избрани раскази носи различен и видлив авторски белег, со раскажувачка умешност да се доловат атмосферата и ликовите, а настанот се опишува за да се збогати со слоевитост на раскажувањето.
Годинава на конкурсот пристигнале околу 200 ракописи. Доста од нив биле со современи, урбани теми, многу духовити, досетливи… Според Дамчевска, тоа е потврда дека ние навистина сме пишувачка нација и покрај ова, како што рече, торбулентно политичко секојдневие.
Селекторот на конкурсот, писателот Александар Прокопиев се осврна на квалитетот на наградените раскази. Информира дека по читање на расказите, на крај дошле до 20 кои ги задоволиле сите критериуми на добро напишан расказ. Посочи дека расказите изобилуваат со смисла за хумор, храбри се во својата смисла, не го штедат времето во кое живееме. Во расказите има многу животни.
Првонаградениот расказ „Во трка за животот“ рече дека изобилува со прекрасна техника на раскажување, многу е духовит и е напишан од човек со големо животно искуство.
Од наредната среда наградените раскази ќе бидат објавувани во прилогот „Лик“.Со врачувањето на наградите се заокружува одбележувањето на 75-годишнината на весникот.