„Време е да ставиме крај на владеењето на ДУИ. 20 години се на власт, зборуваат за реформи и Европска Унија, а Македонија тоне во корупција” – порача албанската опозиција.
На денешниот брифинг со новинарите, Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами порачаа дека со години албанските гласачи немале алтернатива и сега кога веќе има два политички блока, Албанците ќе може да одлучат дали сакаат промени или сакаат да продолжи политиката на ДУИ.
Изјавија и дека после 8 мај в година, ќе се формира влада која ќе се насочи кон европски интеграции на Македонија и неприкосновено ќе се бори против криминалот.
До ДУИ испратија пораки и дека е скандал што струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој е на црна листа, денеска присуствуваше на прославата на ДУИ каде се обраќаше Али Ахмети.
„Тоа ја покажува само дволичноста на мнозинството. Заедничкото прославување каде Рамиз Мерко беше присутен, а е на црна листа на САД покажува дека тие се заедно во криминалот и наместо да преземат нешто против оние кои се на црна листа, тие се држат заедно во криминалот” – рече Билал Касами.
Во врска со празното место во ДИК кое му припаѓа на албанската опозиција, тие најавија радикални мерки, односно блокирање на Собранието.
Според Африм Гаши, сите критики за корупцијата и криминалот во земјава, од високи претставници на ЕУ и САД покажуваат дека власта е лицемерна. Зборува за европски вредности, а истите ги погазува. Им порача на владините претставници дека се сигурни оти ќе изгубат на изборите.