Бесмисленото брендирање на новите инвестиции како извори на смрт во услови кога не само македонската, туку и глобалната економија се дави во рецесија предизвикана од Ковид – 19 пандемијата, покажува дека е време за нови херои за заштита на животната средина. Индивидуалци, здруженија и компании кои во своите настапи се аргументирани, со факти и бескомпромисно се залагаат за почитување на правилата и законите за заштита на животната средина. Тие се залагаат да се користат бенефитите што ги носат индустриите, но со контрола. Затоа што знаат дека повеќето индустрии се опасни по животната средина само доколку инвеститорот го крши законот, доколку не се придржува кон примената на мерките за заштита на животната средина или доколку институциите му прогледуваат низ прстите…. Оваа опасност се наметнува од бројни индустрии, не само од рударството.
Рударството и земјоделството се најдоа на крстосница. Стихијно, без идеја каде треба да оди едното, а каде се движи другото. Но, ако се инвестира во двете, економските параметри, науката и експертите недвојбено укажуваат дека тоа е најдобриот избор за брз економски раст во државата. Впрочем рударството не е новина во Македонија. Онаму каде веќе има рудници, населението покажува голема доверба и поддршка, а и државните институции отворено ги поддржуваат овие индустриски капацитети.
Сепак, стравот и недовербата предизвикани од една малцинска група активисти, иако неосновани се наметнаа како пресудни за судбината на новите рударски проекти.
„Аман не не’ браните, ве молиме!“, е очајнички крик на мнозинството жители во струмичкиот регион до творците на моронската парола „Рудник на Смртта“. Бараат од овие кои глумат загрижени еко-активисти, да не зборуваат во нивно име и да не им го одземаат неприкосновеното индивидуално право на личен избор за нивната иднина. Затоа што се свесни дека мега-инвестицијата во Рударскиот Комплекс за Бакар “Иловица-Штука“, е реална можност за подобар и посреќен ЖИВОТ – СЕГА И ВЕДНАШ!
Впрочем, интелигенцијата може да се измери, но глупоста не! За жал светот, сẻ уште, не измислил вакцина против глупост!
Разорните економски последици од Ковид-19 пандемијата, брутално нẻ убедија дека „ѓаволот ја однел шегата“ и дека е крајно време сите да се запрашаме – со кое право неколкумина запенавени, во континуитет, неаргументирано го демонизираат Проектот и сакаат на своите сограѓани да им го одземат правото на сопствен избор за подостоинствен и посреќен ЖИВОТ?! Каде е нивното чувство на одговорност за последиците доколку насилно ја истераме и ја изгубиме оваа најголема странска инвестиција од нашата држава!? Кој ќе ја понесе одговорноста за неизбежниот нов и засилен бран од економски мотивирана миграција на младите генерации!? Со што ќе се спротивставиме на разорните ефекти на рецесијата и застојот во економскиот развој!? Дали се живее од нивните манипулативни пароли „Рудник на Смртта“ и дали тоа ќе помогне да го спречи целосното руинирање на имиџот на нашата држава како атрактивна инвестициска дестинација во Европа!? Кој ќе го преземе ризикот за огромните финансиски штети кои, по веќе се поизвесната меѓународна арбитража, СИТЕ НИЕ заедно со нашите следни поколенија ќе мора да ги отплаќаме!?
Економската неразвиеност и „сиромаштија“ резултираат со зголемена желба и потреба за иселување, неисполнет и несреќен живот. Само богати и економски развиени општини, региони и држави можат сериозно да се грижат и инвестираат во заштита на животната средина, високи стандарди во заштита на здравјето на своите граѓани, во современа инфраструктура, нови училишта итн.
Но, зошто се кочи развојот на нови рударски проекти и колку тоа е аргументирано? Уште поважно е од што се откажуваме како држава, поставувајќи кочница за новите рударски проекти, особено во период кога глобалната економија се справува со девастирачката моќ на пандемијата без најава за крај?
Вложувањето во само еден од новите рудници Иловица – Штука директно ќе го подигне квалитетот на живеење на населението во Југоистокот. Во фазата на изградба на рудникот, која е предвидена да трае две години, ќе се инвестираат над 340 милиони евра и ќе се ангажираат околу 1000 лица. Околу 180 милиони евра од инвестицијата во оваа фаза ќе се исплатат на домашни компании. За цело времетраење со активно работење на рударскиот комплекс годишно ќе се исплаќаат над 70 милиони евра или за период од 20 години кумулативно околу 1,5 милијарди евра на локални компании за тековно снабдување со неопходни производи и сервисни услуги. Сите локални компании од различни стопански гранки како прехранбената индустрија, угостителството, градежништвото, транспортот, дрвната, хемиската и текстилната индустрија, како и многу други услужни дејности ќе имаат приоритетна можност за долгорочна деловна соработка.
Еуромакс ќе уплаќа во државниот буџет приближно по 24 милиони евра секоја година за законски давачки, даноци и такси – од кои над 3 милиони евра годишно ќе се слеваат директно во буџетите на општините на чија територија се наоѓа овој рударски комплекс. Локалните општински раководства, невладините организации, спортски друштва и граѓанските здруженија од струмичкиот регион ќе имаат пристап и до посебниот фонд од по милион евра годишно, наменет за развојни проекти директно фокусирани за подобрување на социјалните и здравствените аспекти, како и генерално за подигнување на квалитетот на живеење за целото население од југоисточниот дел на нашата држава.
Но, ете некои сепак тврдат дека не ни треба економски развој, затоа што „ние си го имаме нашето „ЗЛАТО“ – френки, чушки, корнишони и тутунот“. И секоја година протестираат за државни субвенции, додека младите се иселуваат.
Во услови кога пред нив е можноста за рударскиот комплекс „Иловица-Штука“, која претставува уникатна прилика за струмичкиот регион брзо да се претвори во ново економско чудо на Балканот, атрактивен генератор за прогрес и развој достоен за 21 век!
Автор: Д-р Живко Груевски, директор за комуникации на Еуромакс Ресоурцес