Времето на судии и обвинители кои што имаат партиски штабови на СДС во своите станбени објекти заврши, вели Проданоски

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски, гостуваше во синоќешната емисија Клан дебата на истоимената телевизија. Пратеникот говореше за ниската доверба од само 2% во судството и дека се потребни вистински реформи во истото. Тој исто така додаде дека времето на судии и обвинители кои што имаат партиски штабови во своите станбени објекти заврши, а ВМРО-ДПМНЕ работи на реформи во судството.

„Судство и обвинителство со помалку од 2% доверба во оваа држава треба да се направи реформа. Тоа ни го кажуваат и нашите стратешки партнери, тоа го кажува и ЕУ, дека како држава треба сериозно да се зафатиме во реформа на судството и на јавното обвинителство и видовте дека вакво судство и вакво јавно обвинителство кои што ги преспаа 7 години“, нагласи Проданоски.

Тој вели дека судењето било пристрасно, односно во корист на тогашната власт, бидејќи судиите и обвинителите не работеле по допрен глас и по криминалот кој што сите медиуми го објавувале, туку се занимавале со работи кои што ќе им бидат наредени.

„На секојдневно гледање по секој медиум, на секоја улица дека се случува криминал и ништо не видоа, меѓутоа за некои одредени предмети каде што требаше да биде политичка одговорност од спротивната страна, тогаш се будеа и тогаш оздравуваа, им поминуваа тегобите кои што ги имаа со здравјето и тогаш почнуваа да функционираат и тоа мора конечно да се смени, а тоа го бара секој еден македонски граѓанин“, напомена Проданоски.

Пратеникот истакна дека моменталните раководители на судските позиции, треба сами да сносат одговорност и да си поднесат оставки, бидејќи како што вели тој, со 2% доверба немаат право да ги водат овие позиции.

„Треба да има промени согласно законите и досега ако беше оваа држава како што треба, требаше тие што се најповикани и цела јавност која што збори со години наназад, требаше да си се повлечат од функциите и да бидат свесни дека она што се очекуваше од нив, да ги заштитуваат правата и слободите на граѓаните, да се повлечат од функциите и да отстапат место на други“, потенцираше Проданоски.