Врховниот суд сè уште не се изјаснил дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски и Сашо Василевски и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков остануваат или излегуваат од затворот во Шутка. Иако пред четири дена на јавна седница 15 осомничени побараа да излезат од притвор, највисокиот суд не соопштува дали и каква одлука донел.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој го застапува Душко Лазаров, поранешен шеф на специјалните сили во МВР, нема никаква информација иако 48 -те часа за носење одлука на Врховен веќе истекоа.
-Еден Врховен суд, без оглед колку осомничени се во прашање, мора да работи според роковите. Тажно е што и многу пати до сега сум кажал, нема апсолутно никаква одговорност во таквото постапување надвор од законот. Никој од никого не бара одговорност и затоа немаме реформи. Ако имате рок кој сте го пробиле како бранител, ќе трпите последици. Ако судот го пречекори тој рок, никому ништо, никој не презема одговорност ниту пак, има некакви последици и народски кажано – им се може, вели за Алсат-М адвокатот Звонко Давидовиќ.
Жалбите на притворените за крвавите настани на 27 април за прв пат се адресираа до Врховниот суд. Претходно постапуваше Апелација. Дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат по пет месеци од притвор зависи од одлуката на пет врховни судии.