Највисокиот командант на НАТО во четвртокот изјави дека не верува дека руската војска распоредила доволно војници за стратешки пробив во регионот околу Харков во североисточна Украина.
Американскиот генерал Кристофер Каволи, врховен командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, рече дека е уверен дека украинските сили ќе ги задржат своите линии во регионот.
Русија отвори нов фронт во војната во Украина минатата седмица кога со мали борбени групи на високомобилни единици брзо ја преминаа границата во регионот Харков, принудувајќи ја Украина прво да пренесува единици од други правци на фронтот долг околу 1.200 километри, а подоцна и да ги повлече, како што рече Киев, да се зашитат животите на војниците.
„Русите ги немаат потребните бројки за стратешки пробив“, тврдеше Каволи на прес-конференција во седиштето на НАТО во Брисел по состанокот на воените команданти од целиот трансатлантски сојуз.
„Што е уште поважно, тие немаат вештина и способност да го сторат тоа, да дејствуваат на потребното ниво за да го искористат секој пробив во стратешка предност“, продолжи генерал Каволи со своите уверувања..
„Тие имаат способност да постигнат локален напредок и тие направија дел од тоа. Тие исто така направија и некои локални загуби“, рече Каволи.
Меѓутоа, генералот Каволи не изнесе никакви податоци и информации за бројот на војници што Русија ги распоредила во областа.
Од друга страна, пак, воени извори и од Киев и од Москва проценуваат дека Русија во Харковскиот регион, инаку со мнозинско руско и проруско население во близина на границата, вклучила околу 30.000 војници кои освоите значителен дел од областа.
Холандскиот адмирал Роб Бауер, претседател на воениот комитет на НАТО, на прес-конференцијата рече дека очекува „сериозни подобрувања“ во количината на муниција што ќе ја добијат украинските сили наскоро.
Руските сили понекогаш ги надминуваат украинските трупи во обем 10 спрема еден, велат властите во Киев кои се соочуваат со голем недостиг од жива сила и кадар обучен за ракување со напредното западно оружје.
Недостигот од муниција во Украина е делумно резултат на повеќемесечното одложување во добивањето на голем пакет воена помош за Украина преку американскиот Конгрес и сега на Западот се зема како оправдување за несупесите на украинските вооружени сили.
Каволи рече и дека сојузниците на Украина сега снабдуваат „огромно количество“ муниција и системи за противвоздушна одбрана со краток дострел и „значителни количества“ оклопни возила за да помогнат во спротивставувањето на напредувањето кон Харков.
„Јас сум во многу близок контакт со нашите украински колеги и уверен сум дека тие ќе ја одржат линијата“, рече тој.