Врховниот суд на Македонија донесе решенија со кои ги уважува приговорите на шестмината судии (двајца судии на Основниот граѓански суд Скопје, тројца судии на Основниот Кривичен суд Скопје и еден судија на Основниот суд Струмица) и ги укина донесените решенија од Судскиот совет на Република Северна Македонија.
Како причина за укинатите решенијата на Судскиот совет на се наведува дека не содржеле доволно образложени и прифатливи причини за едно такво одлучување.
Во продолжение проследете ја целата информација на Врховниот суд:
„Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија на ден 18.9.2023 година, одлучуваше по приговорите поднесени од двајца судии на Основниот граѓански суд Скопје, тројца судии на Основниот Кривичен суд Скопје и еден судија на Основниот суд Струмица, кои од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија, непосредно по нивниот избор за судии, беа времено упатени за вршење на судиската функција во основните судови во други градови низ државата.
Одлучувајќи по поднесените приговори, Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе решенија со кои ги уважи приговорите на шестмината судии и ги укина донесените решенија од Судскиот совет на Република Северна Македонија.
Во образложението на решенијата за уважените приговори, изготвено и предложено од страна на Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми и прифатено од Општата седница на Република Северна Македонија, се наведува дека укинатите решенијата на Судскиот совет на Република Северна Македонија не содржеле доволно образложени и прифатливи причини за едно такво одлучување.
„Имено, според член 39 став 9 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.58/06….198/8 и „Службен весник на РСМ“ бр. 96/19) по исклучок, судија на Апелационен суд и на Основен суд може да биде времено упатен, но најдолго за време од една година да суди во друг суд од ист степен или во понизок суд или од еден во друг специјализиран оддел, кога поради спреченост и изземање на судија или поради значително зголемен обем на работа, намалена ажурност или поради сложеност на предметите е доведено во прашање тековното работење на судот, но не повеќе од еднаш во текот на пет години. Во случај на временото упатување, платата на судијата не смее да биде намалена. По истекот на времето за кое судијата е упатен да работи во друг суд или специјализиран оддел задолжително се враќа на работа во судот, односно специјализираниот оддел од кој бил упатен, според став 11 од истиот член и закон, против одлуката од ставовите (4), (7) и (8) на овој член судијата може да вложи приговор во рок од 3 дена до Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија, кој е должен да одлучи по приговорот во рок од 7 дена.
Од содржината на наведените законски одредби неспорно произлегува дека за да биде времено упатен судијата на апелациониот суд или судија на основниот суд да суди во друг суд, мора да постојат основите и да се исполнат условите пропишани во оваа одредба – спреченост или изземање на судија, зголемен обем на работа, намалена ажурност или поради сложеноста на предметите е доведено во прашање тековното работење на судот.
Судскиот совет при одлучувањето, на начин како во изреката на побиваното решение, не постапил и неправилно го применил наведениот член од Законот за судовите.
За времено упатување на судијата да суди во друг суд, основ не може да претставува само некоја ранг листа, а без да бидат утврдени и исполнети условите во член 39 став 9 и член 11 од Законот за судовите.
Упатувањето на судија на Апелационен суд и на Основен суд да суди во друг суд е од сериозна природа, поврзано со други семејни, станбени и финансиски импликации, поради кои причини во Законот се определени основите и условите за едно такво упатување.
При тоа, Судскиот совет на Република Северна Македонија, при одлучувањето мора да постапи во рамките на наведената законска одредба, да утврди факти и околности кои се релевантни за одлучувањето при упатување на судија да суди во друг суд, за состојбата не само на судот каде се упатува судијата, туку и за судот од каде се упатува судијата, а се со цел да не се доведе во статус на неажурен суд поради пропусти на Судскиот совет на Република Северна Македонија, околу пополнувањето на судиските места, поради престанување на судиската функција на одредени судии.
Воедно, Судскиот совет на Република Северна Македонија, треба да ги има предвид и укажувањата во приговорoт и да утврдат факти и околности, дали судијата кој времено се упатува, ќе може да постапува по сложени предмети, како граѓански, така и по кривични предмети“, се наведува во образложението на решенијата“.