Врховниот суд на Аризона во вторникот го оживеа законот од 1864 година со кој се забрануваат речиси сите абортуси, симболична одлука со важни изборни импликации неколку месеци пред претседателските избори во клучните јужни држави во Соединетите држави.
Овој закон забранува секаков абортус од моментот на зачнувањето, освен ако животот на мајката не е во опасност. Силувањето или инцестот не се сметаат за валидни исклучоци.
Откако беше во мирување со децении, „сега е спроведлив“, според одлуката на Врховниот суд во Аризона. Судиите веруваат дека ништо не стои на патот на неговото спроведување, бидејќи уставната заштита на правата на абортусот беше укината во 2022 година, давајќи ѝ слобода на секоја американска сојузна држава да донесе свој закон за абортусот.
Одлуката го зголемува влогот како што се приближуваат претседателските избори, во клучната држава каде Џо Бајден го победи Доналд Трамп за само 10.000 гласови во ноември 2020 година.
Поранешниот републикански претседател изјави во понеделникот дека сака да им даде одврзани раце на сојузните држави во донесувањето закони за абортусот, доколку се врати во Белата куќа.
„Државите ќе одлучат… Што и да одлучат мора да има сила на закон“, рече тој.
По одлуката во вторникот, Џо Бајден веднаш го осуди „свирепиот“ закон.
„Оваа одлука е резултат на екстремната агенда на републиканските избрани функционери кои се доследни во лишувањето на жените од нивната слобода“, осуди тој во соопштението за печатот. Новата законска рамка „не ги штити жените дури и кога нивното здравје е загрозено или во трагични случаи на силување или инцест“, посочи тој.