Врховниот суд на Пакистан ѝ забрани на партијата на поранешниот премиер да учествува на изборите

Врховниот суд на Пакистан ѝ забрани на партијата на поранешниот премиер Имран Кан да учествува на изборите, и оваа одлука претставува голем удар за партијата која сè уште е популарна меѓу масите.

Во одлуката објавена околу полноќ, врховниот суд ѝ забрани на партијата на Кан да го користи сопствениот партиски симбол – палката за крикет, на гласачките ливчиња поради неодржување на задолжителни внатрепартиски избори.

Одлуката значи дека стотици кандидати од пакистанскиот Техрик-е-Инсааф (PTI) ќе се натпреваруваат на изборите како независни и ќе им бидат доделени различни изборни симболи. Овој потег веројатно ќе им отежне на повеќе од 100 милиони граѓани со право на глас да ги најдат своите фаворити на општите избори закажани за 8. февруари.

Членовите на партијата ја осудија таа одлука. „Одлуката на највисокиот суд уште повеќе ги извалка овие лажни избори“, рече претставник на PTI и близок соработник на поранешниот премиер Зулфи Бухари.

Минатиот месец изборните власти ја отфрлија кандидатурата на Кан за претстојните избори. Кан е во затвор од август, соочен со десетина обвиненија, од корупција до протекување дипломатски преписки.

Од друга страна, пресудата на највисокиот суд минатата седмица му го отвори патот на поранешниот премиер Наваз Шариф да се кандидира за рекорден четврти мандат. Шариф, кој трипати владееше со Пакистан, но никогаш не можеше да го заврши мандатот поради несогласувањата со моќниот воен врв, повторно е фаворит, објави неговата партија минатиот месец.

И Кан и Шариф доживеаја политички падови откако паднаа во немилост кај моќните воени фигури. Активистите и сега со седмици предупредуваат на неслободни избори. Од основањето на државата во 1947 година, оваа јужноазиска земја, која се наоѓа меѓу Индија и Авганистан, постојано доживува немир и нестабилност. Армијата бепе на власт повеќе од половината од тој период.